Нецелосната транспарентност на државните институции, пречка во борбата против корупцијата – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/19 12:56 PM

Нецелосната транспарентност на државните институции, пречка во борбата против корупцијата

Државните институции не се целосно транспарентни и недостига инклузивност на сите засегнати страни во процесот на креирање политики, а постои и недоследна имплементација на домашната регулатива, што се клучни за ефективна борба против корупцијата.

Ова се заклучоците од извештајот во сенка за вториот процес на ревизија и имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција (УНКАК) во Република Северна Македонија со акцент на имплементација на поглавјето 2 (превентивни мерки) и поглавјето 5 (враќање на имот), што денеска беше претставен на Форумот за антикорупциски реформи во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество.

Заменик министер за правда Оливер Ристовски, рече дека стратешки приоритет на Владата е борбата против корупцијата и посочи дека со носењето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси во јануари 2019 година се зајакнува статусот на Државната комисија за спречување на корупцијата преку проширување и зајакнување на нејзините надлежности.

– Во 2018 година од извештаите кои ги добива министерството од СЈО и ЈО имало вкупно 13 ново оформени предмети на случаи на корупција од висок профил. Претежно се тоа кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување, каде 85 проценти се во надлежност на СЈО. Од страна на судовите за овие предмети веќе има изречени мерки за привремено одземање на предмети и една мерка за привремено замрзнување на финансиски трансакции, изјави Ристовски.

Посочи дека Министерството работи на создавање систем за следење на случаи на корупција и генерирање статистички извештаи, во кој ќе бидат поврзани сите релевантни институции со цел олеснување на процесот за обезбедување на сеопфатна статистика за превенција и репресија на корупцијата и перењето пари.

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Владимир Георгиев, посочи дека постапуваат по сите области и веќе имаат отворено предмети на случаи на голема корупција по кои веќе постапуваат.

– Сепак, додека се во рамки на прибирање на дополнителни информации и средби со лица кои може да дадат одреден придонес и информација за одредени случаи, тоа го правиме. Откако ќе бидеме готови со нашите наоди ние ќе ги соопштиме и на седница. Ние работиме паралелно на сите полиња и не би ги делел на ситни или крупни, изјави Георгиев.

Првиот човек на МЦМС Александар Кржаловски, вели дека извештајот содржи повеќе препораки што се однесуваат на самите институции и односот на државата кон овој проблем, што постојано се посочува како еден од најголемите во изминатите 15 години.

– Во однос на ДКСК слушнавме дека веќе има над 500 пријави за корупција откако е оформен новиот состав и тоа е некаква индикација дека граѓаните се поподготвени и самите да придонесат во борбата против корупцијата, изјави Кржаловски.

Посочи дека од нивните досегашни истражувања се констатира дека или се прави или премалку или предоцна во борбата против корупцијата, додека премногу фокусот на почетокот е на премали работи, како што е употребата на државните возила за изборните кампањи, што е мала во светло на сите случаи на голема корупција што ги чувме во бомбите.