Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција – МАЕИ, Васил Стерјовски од собраниската говорница побара поголема грижа за Македонците и другите жители во Гора, која е најсиромашна област во Албанија.
Наведувајќи ги проблемите со кои се соочуваат жителите во областа од немањето основни елементарни услови за живот, потребна инфраструктура, основна здравствена заштита, екстремна невработеност од 75 отсто, што условува масовно напуштање на родните огништа, го посочи и проблемот на децата Македончиња за образование на мајчин јазик.
-Дополнителен проблем за македонската заедница во Гора е фактот што децата не можат да го изучуваат мајчиниот јазик во училиштата, иако изминатите години имаше повеќе иницијативи за изучување на предметот македонски јазик. За жал, овие иницијативи не наидоа на одобрение од образовните институции во Албанија. Министерството за образование, спорт и млади треба да стори се оваа состојба да се подобри, децата да го учат македонскиот јазик како посебен предмет, рече Стерјовски на денешната пленарна седница на албанскиот законодавен дом.
Тој ја повтори и веќе ставената забелешка на МАЕИ за територијалната поделба со која се бараше трите општини: Шиштавец, Запод и Топојан да се организираат во посебна општина Гора, со цел развој на оваа област, туку територијата се припои кон други општини.
Стерјовски направи пресек на големиот развоен потенцијал на областа, со посебна природна убавина, големо културно богатство, фолклор и традиција, идеалните услови за развој на селскиот и планински туризам и предложи инцијатива, за која рече дека верува оти Владата сериозно ќе ја разгледа, бидејќи е во духот на евроинтеграциите и развојот на Албанија и регионот:
„Предлагам формирање на еврорегион Шара на тромеѓето, меѓу трите држави Албанија, Македонија и Косово. Тоа ќе биде практична мерка за евроинтегративните процеси во регионот, за унапредување на меѓуграничната соработка и за развојот на областа што ќе ги подобри условите за живот и работа на месното население од трите страни на границата. Еврорегионот Шара ќе ја спречи емиграцијата и ќе го привлече вниманието на инвеститори од земјата и странство. Шар Планина е богата планина, природата и Господ ни го дале своето, останува ние да го промовираме Еврорегионот Шара, да се изработи физибилити студија и да се понудат проекти пред Европската Унија. Мислам дека и Македонија и Косово ќе бидат заинтересирани и за еврорегионот Шара“.
За да се постигне стабилен развој, да се подобрат условите за живот и да се намали сиромаштијата во областа Гора, побара тој, Владата како и општината Кукс под итно да инвестираат во патната инфраструктура, водоводот и канализација, изградбата на канали за наводнување, снабдувањето со електрична енергија, развојот на планинскиот туризам, изградбата на ски патека, изградбата на центар за откуп на познатиот по квалитет горански компир, како и субвенции за земјоделците.