Офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија се изведуваа денеска на армискиот полигон Криволак, каде во тек е воената вежба „Одлучен удар“.
На најголемата воена вежба која за прв пат се спроведува во Македонија учествуваат 2700 војници од шест национални континенти.
„Знаете дека најголемиот дел од луѓето од војниците кои учествуваа беше од нашиот стратешки партнер, од Соединетите Американски Држави. Меѓутоа тука има и четири други земји членки на НАТО алијансата. Она што е посебно значајно да се одбележи од денешнава вежба, е што полигонот Криволак е дефинитивно со одржувањето на оваа вежба, признаен како еден од најдобрите воени полигони во југоисточна Европа и со ова се отвараат врати за негово почесто користење од нашите сојузници од Алијансата во наредниот период и една друга битна работа која ја покажа денешната вежба, дека нашите припадници, луѓето од армијата на Република Северна Македонија, се на исто професионално ниво со останатите армии во Алијансата, со што покажуваат по којзнае кој пат дека се навистина достојни да не претставуваат во сите мисии во светот кадешто се брани глобалниот мир и безбедноста и се најдобриот доказ дека нашата земја треба да стане членка на Алијансата што е можно побрзо. Четири од петте земји членки на Алијансата кои учествуваат на оваа вежба го имаат ратификувано нашиот протокол за членство, во петтата, во САД, тоа е почнато како процедура, ветувањето од таа страна е дека најверојатно пред да се распушти конгресот во август, ќе имаме целосна ратификација, што значи дека одиме со одлично темпо кон самитот закажан за четврти декември во Лондон кадешто со право очекуваме да станеме полноправна членка и да ги користеме сите напори кои ги правеше нашата држава не само во сферата на одбраната и во безбедноста, туку и во полето на политиката. Да покажеме дека и политички и безбедносно и со одбранбените реформи, заслуживме да станиме членка на најмоќната воено политичка алијанса во историјата на човештвото, вели претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.
И премиерот Заев кој беше присутен на вежбата смета дека нашата армија покажува еднаквост во партнерството со земјиште членки на НАТО.
„ Горд сум на нашата војска заради тоа што демонстрираше денеска пред нас, високите претставници на извршната власт во присуство на претседателот на државата, но и амбасадорите, еднаква подготвеност во вежбовни активности коишто се воедначување на нивната подготвеност за мировните процеси коишто секаде НАТО ги има во светот. Горд сум на сите наши војници заради тоа што имаат и желба да се усовршуваат и унапредуват, знам дека ќе ги исполниме сите оние наши очекувања да имаме достоинствена и горда армија којашто рамо до рамо со нашите сојузници ќе се грижи за мирот во светот и ќе продолжи да го гарантира мирот во светот, рече премиерот и додаде дека нашата армија ја испратила пораката дека сме подготвени не само воено туку политички и дека храбро чекори земјава кон полноправно членство во НАТО.
Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска во изјавата за медиумите нагласи дека наскоро земјава ќе стане полноправна членка на НАТО алијансата.
„Тоа значи не само седење на истата маса, тоа значи како и денеска, заеднички вежби, заедничка обука, заедничко учество во операции со кои се гарантира и нашиот меѓутоа и светскиот мир. Ние денеска овде на сите скептици им покажавме дека Северна Македонија има што да и понуди на Алијансата. Има да и понуди обучени, професионални војници и офицери, и има да и го понуди и овој одличен полигон Криволак, којшто ја покажа и својата сила и својот капацитет и своите потенцијали“ вели Шеќеринска. Според неа преку оваа вежба сме покажале дека го заслужуваме местото во НАТО.
„Со презентираното на денешната вежба, в.д амбасадорот на САД Микаела Швајцер Блум смета дека се покажала огромната сила на здружените војски и на НАТО.
Директорот на вежбата, Игор Манасовски појасни дека станува збор за досега најголема комбинирана здружена вежба “Одлучен удар”. Се работи за комбинирана здружена вежба со боево гаѓање на тема “Засилена механизирана пешадиска чета во напад”. Во оваа вежба се синхронизирани сите елементи на борбената моќ кои учествуваат на вежбата “Одлучен удар”, елементи кои заедно постигнуваат ефект, поголем отколку кога истите би се користеле самостојно или секвенционално.
„ Република Северна Македонија, односно нејзината армија е домаќин на сериозен бенчмарк, кој темелно и функционално, ја потврдува способноста на нашите вооружени капацитети, рамноправно да се справат со комплексноста на тековните безбедносни предизвици. Спецификата на “Одлучен удар” е карактеризирана преку повеќедимензионалната интеграција на различните копнени, воздухопловни и специјални сили од 6 различни земји. Повеќе од 2.700 учесници со преку 300 моторни возила и воздухоплови, овде на оваа вежба се обединети околу следната цел. Преку постигнување и одржување на сопствената борбена готовност, да придонесат кон непречено креирање на интероперативни повеќевидовски сили за задача, способни да одговорат на секаков вид на закани, вели Манасовски.
Ангел Данов