Непречено се одвива откупот на праска во Росоман. Денеска неколку камиони чекаа на откупните пунктови да се откупи росоманската праска и да замине на пазарите во Русија, Косово и Црна Гора. Цената е од 15 до 20 денари, во зависност од квалитетот. Претставници од МЗШВ, кои беа на откупниот пункт, информираа дека првите камиони со македонска праска без никакви проблеми веќе стигнале во Русија.
„Квалитетната праска се движи од 15 до 20 денари. Ги известувам сите овоштари да почнат да берат и да ги носат на откупниот пункт. Ќе се откупат сите понудени количини“ вели Тони Јанев од селото Паликура, производител на праска.
Еден од откупувачите кој деновиве е стациониран во Росоман во изјава за Канал 77 тврди дека е подготвен да го откупи целиот род, што ќе го понудат производителите, бидејќи имал потпишано договори за извоз со негови партнери од Русија, Косово и Црна Гора.
„Како откупувачи ни требаат праски. Род има годинава. Бидејќи вчера беше празник во Росоман, немаме и доволно стока за откуп. Во зависност од квалитетот на сите ќе им биде откупена праската. Се товараат камионите за Русија и Косово. Нашите купци не чекаат. Плаќањето на праските е веднаш. Секој ден ќе испраќаме по 2-3 шлепери“, вели Беким Скендели.
Проблемот кој се појави за македонската праска со болеста монилинија и извозот во Русија е надминат – тврдат од МЗШВ.
„Сите почетни проблеми кои ги имавме на почеток ги надминуваме за да откупувачите пласираат непречено добра стока на странскиот пазар. Можеме да кажеме дека 60 отсто од македонската праска оди на Рускиот пазар. Проблемите кои ги имавме се надминати. Се товари роба и оди за Русија. Првите камиони се стигнати и нема никакви проблеми . Многу трговици се плашеа дали ќе бидат вратени. ДИЗ е отворен за соработка. Постојано имаме инспектори на терен. Робата не смее да чека. Фитосанитарната лабораторија дежура и сабота и неделеа за примање и издавање на анализи за да бидеме експедивни, со цел производот да се извезе и да нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот“, вели Трајан Димкоски од МЗШВ.
Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев нагласи дека дел од реакциите на производителите на праски биле исполитизирани, но сега откупот непречено се одвива.
„Минатите денови имаше различни реакции со пласманот на праските. Некои беа реални некои беа исполитизирани. МЗШВ и владата работат на решавање на овој проблеми. Денеска целата стока што се понуди е купена. Ги повикуваме сите што имаат праски да го понудат својот производ. Има трговци кои се заинтересирани за откуп“ рече Бранко Јанев градоначалник на Росоман.
Во минатиот период МЗШВ спроведуваше едукација како квалитетно да се справат со болеста монилинија, но интересот кај нив за едукација беше мал, тврди директорот на ДИЗ, Благој Индов.
„Забранат а која ја симна руската федерација во врска со болеста монилинија не услови секој камион да има анализа од државната фитосанитарна лабораторија. Нашите инспектори излегоа на терен и земаа мостри. Сите мостри засега се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар. Во наредниот период со затоплување и со врнежи од дожд може да се појави болеста, но секоја праска што ќе биде позитивна нема да оди во Русија, бидејќи државата гарантира за здрав производ“ вели Индов и информира дека секој магацин имал добиено решение пред откупот да изврши дезинфекција на магацинскиот простор но и на камионите со кои се врши транспорт на праските.
Изминативе денови имаше бројни реакции по социјалните мрежи околу откупот на праска. Едни се жалеа на ниска откупна цена, а други дека не им се купува родот бидејќи имал оштетување од град.
Ангел Данов