Во интервју за ФАЦ, премиерот Заев за првпат открива детали од бегството на експремиерот Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации.
„Знаеме како Груевски избега од земјата“, тврди македонскиот премиер Зоран Заев во интервју објавено во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Верзии за начинот на кој поранешниот премиер избегал од земјата подолг период се вртат во политичките кулоари. Покрај најчесто спомнуваната – дека домот го напуштил скриен во багажникот на возилото, сѐ почесто се вртат шпекулации дека од Македонија излегол преку див премин во близина на Дебар, со соодветна домашна и странска логистика. Наводно, подоцна биле и утврдени и телефонски контакти на Груевски со странски државјани, кои му претходеле на бегството.
Заев за ФАЦ тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.
„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, тврди премиерот. Додека тезата за криењето во багажникот е веќе извртена во јавноста, но не и потврдена од Обвинителството, за првпат еден носител на висока политичка функција во земјата излегува со тврдење и дека Груевски бил пречекан од унгарски дипломати уште на самата граница.
Извори од Јавното Обвинителство велат дека претпоставки има, но докази – нема.
Вечерта, кога се претпоставува дека започнало бегството, немало, односно било слабо осветлувањето на улицата каде Груевски би можел да излезе со возилото од гаражата под неговиот дом, а такво нешто не се гледало ни на снимките од системот „Safe sity“. Исто така не бил забележан од камерите на ниту еден македонски граничен премин кон Албанија. За Обвинителството нема дилема како излегол од Албанија кон Црна Гора и понатаму до крајната дестинација – Унгарија, и во чија придружба бил. Но, се уште не е утврдено со докази како излегол од Македонија. Засега претпоставките се дека или избегал преку див премин во таканаречениот зелен појас, или на официјален граничен премин каде не бил евидентиран.
„Претпоставките се едно, доказите друго. Ние работиме врз исклучиво врз основа на докази“, децидни се од Обвинителството.
D.W