Се бара нов сопственик на ФК „Брегалница“ од Штип – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/19 6:14 PM

Се бара нов сопственик на ФК „Брегалница“ од Штип

Фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Штип оди на продажба. Советот на Општината Штип денеска донесе одлука да се дадат на аукција 51% од акциите. Една акција ќе чини 100 евра. Продажбата на мнозинскиот пакет на градскиот клуб, е уредена според Законот за хартии од вредност. Ова е втор обид на берза да се продаде клубот, чие финансирање граѓаните на Штип секоја година ги чини по близу половина милион евра.

Градоначалникот Благој Бочварски рече дека сите успешни клубови во Македонија се приватни, почнувајќи од Вардар,  Шкендија, Борец, кои имаат приватен спонзор.

– Општината гледам дека тешко може да работи со клубот, затоа сметам дека ова е висинската одлука. Затоа, благодарам на сите советници што едногласно донсоа одлука. Нека е со среќа!, рече градоначалникот Благој Бочварски.

ФК „Брегалница“ е второлигаш, кој не успеа да го исполни ветувањето на стручниот штаб и да се избори за место меѓу македонските прволигаши. Поради тоа, неодамна оставка си даде  претседателот на клубот, Елмир Мандак.  Опозициската ВМРО ДПМНЕ, која додека беше на власт,  со години одвојуваше пари од буџетот на општината, неодмна побара да се „заузда“ трошењето за клуб без перспектива. Сепак, опозициските советници денеска се придружија на власта за продажба на „Брегалница“.

-Ние најпрво ја поддржавме иницијативата, а денеска донесовме одлука со која се менува начинот на финансирање и менаџирање на ФК „Брегалница“ со цел да продолжи да се негува и надградува фусбалскиот бренд , којшто во иднина ќе треба да ги израдува сите љубители на спортот и фудбалот во Штип, кажа од говорницата Иван Јорданов, координатор на советничката група на ВМРП ДПМНЕ.

Уште непочната постапката, во фудбалската јавност се знае купувачот. Се посменува името на компанијата „Кит –го“, која има синџир на меркети низ Источна Македонија, која веќе финансира фудбласки клуб со истото име, кој се натпреварува во истиот ранг како и „Брегалница“.