Волонтерскиот дух го врати животот на село во делчевски Истевник – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/19 7:52 AM

Волонтерскиот дух го врати животот на село во делчевски Истевник

 Борче и Симона Димитровски се млади луѓе од Делчево, кои водени од желбата да го вратат животот во руралните средини, деновиве беа домаќини на група млади волонтери од повеќе земји од Европа. Поддржани од здружението „Зелен” од Бугарија, а со помош на можностите што ги нуди програмата „Еразмус плус”, десетина дена сите заеднички работеа на реновирање на старата куќа на Димитровски во село Истевник, од каде што потекнува Борче. Целта на овие активности, како што вели, е да се даде пример како луѓето со малку ентузијазам и работа можат по теркот на живот во современи услови, старите куќи да ги претворат во едно прекрасно место за живеење.

– Чувството да се биде домаќин на таква група луѓе е неописливо. Тоа се луѓе кои ти даваат мотивација заеднички да се оствари еден сон што сакаме да го реализираме во ова село и во оваа куќа во Истевник. Сите волонтери кои се овде ни донесоа нова енергија, свежина и мотивација да продолжиме понатаму, идејата да ја оствариме и еден ден оваа куќа да стане повторно жива. Тоа ќе овозможи да имаме повеќе гости, да работиме заедно и да се дружиме. Целата идеја е да пробаме сите заедно да се вратиме назад кон природата во Истевник и да имаме поинаков начин на живот од тој во градот, вели Димитровски.

За напуштените села во нашата држава, како што вели Борче, секој поединец има своја вина, затоа што повеќето луѓе решиле да заминат во градовите наместо, како што вели, да уживаат во убавите предели што ги имаме.

– Претежно кога сум дел од нешто слично во други земји самиот барам да престојувам во селски средини, бидејки на тој начин учам да собирам искуства. Тоа што тука сакам да го правам во селото, го има насекаде во светот, не е само кај нас. Во другите држави само постојат поорганизирани такви места и активности на кои особено младите можат да одат и да учат различни вештини за екоградба, за органско производство на храна и различни природни вештини, додава Димитровски.

Произведувањето природна и здрава храна во својата градина во Истевникж е исто така нешто што ги исполнува Борче и Симона.

– Имаме искуство со производство на природна и здрава храна, но оваа година бидејки имаме доста активности како долгорочни волонтери во здружението „Зелен” и поради тоа што немаме доволно искуство повеќе ќе се посветиме на тоа да собереме искуства. Градината не можеме само да ја посадиме и таа сама да се гледа, треба човек да биде присутен и да ѝ посвети внимание. Затоа една од идеите е да се продолжи и на тоа поле и овде да доаѓаат волонтери и да учат тука со нас, вели Димитровски.

Во рамките на престојот во Истевник заеднички, како што вели Борче, го реализирале и првиот експеримент со тоа што успеале да реновираат една од собите, која е направена во согласност со модерното време.

– Првиот експериментален подвиг од овој проект е собата што ја гледате на фотографиите. При реализацијата на самата идеја користевме материјали што се автентични за ова подрачје, што порано се користеле за градба. Куќата ќе се обидеме да ја вратиме во стариот сјај, со старите материјали, а уметноста ќе ни биде само додаток. Нашата цел не е само да се вратиме и да живееме во услови како во старо време, туку сакаме да ги приспособиме условите близу до модерните времиња. Со еден збор, кога би живееле овде нормално е да има тушеви, тоалет, интернет и сè што го следи еден млад човек. Така сметаме дека ништо нема да ни недостига, а како додаток ќе имаме и подобра храна, која претходно ја споменавме, додава Димитровски.

За самиот проект, кој се реализира преку програмата „Еразмус плус”, претседателот на здружението „Зелен” вели дека целта преку ваквите проекти е да им се помогне на младите луѓе кои сакаат да се вратат да живеат во село.

– Се викам Алеко и сум претседател на здружение „Зелен”. Се работи за здружение што реализира најчесто проекти по програмата „Еразмус плус”. Во рамките на тие активности собираме доброволци од повеќе семји во Европа кои имаат желба да помогнат за враќање на животот во малите населени места. Досега имаме реализирано проекти во Бугарија, а кај Борче во Истевник сме втора година. Решени сме да им помогнеме на овие млади луѓе кои решиле да го напуштат големиот град и да почнат иницијатива да се врати животот колку што може во малите места, да ги облагородиме со тоа што ќе станат пријатно место за живеење. Во Истевник во рамките на нашата работа имавме за цел да му вдахнеме нов живот на старото, стариот мебел, со еден збор, на старата куќа, со цел да ја спремиме за живот. Овде во Истевник имаме волонтери од Јужна Европа, но имаме и имавме луѓе од Словенија, Полска или, со еден збор, волонтери од цела Европа, истакна претседателот на здружението „Зелен” со седиште во Софија, Бугарија.

За Јоан Паша од Франција, кој два месеци работи како волонтер, искуството што го доживеал во Истевник е прекрасно.

– Сакам да бидам дел од природата и од европската цивилизација, како заштитник на она што некогаш било, а особено на чистата зелена природа. Овде на некој начин учиме како да живееме на село, нивото на живот не е баш исто во село и во град и затоа сакаме да го доживееме тоа искуство и да го вратиме ако можеме животот во овие места, вели Паша.

Пофалби за природата на Истевник истакнаа и останатите волонтери. За Лора од француски Лил, Македонија е убаво место за живеење, бидејќи има убави планини и убава природа.

Шпанката Јон, која доаѓа од северниот дел на Шпанија, како што вели, се откажала од својата работа за да биде учесник во ваквите проекти.

– Ова е првото место на кое работиме и убаво е кога можеме да правиме различни нешта за да им помогнеме на Борче и Симона. Поради доаѓањето овде се откажав од работата во мојата земја и во наредните месеци ќе бидам волонтер. Во Шпанија исто така има села со многу мала популација, но не како овде. Овде, на пример, во Истевник има околу 15 луѓе и нема млади луѓе, додека кај нас ситуацијата е малку подобра, вели Јон.

Куќата на Димитровски и црквата во село Истевник и во минатото биле дел од меѓународен проект финансиран од Светска банка, но не бил реализиран докрај поради некои технички грешки во изведбата на реконструкцијата. Борче и Симона се заинтересирани и за поддршка од државата, но како што велат, помошта ќе ја бараат откако административно ќе се подготват за тоа.

По престојот во Истевник, волонтерите ќе имаат слична задача во Бугарија, каде што исто така ќе се обидат да им помогнат на други млади луѓе, кои ја поддржуваат идејата за враќање од град во село. Сите овие активности, како што додаде на крај Димитровски, се реализирале благодарение на иницијативата „Природна перспектива” на здружението „Надеж – Hope”.

МИА