Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Трст.
Италија е претседавач и домаќин на министерскиот состанок во годината во која ЦЕИ одбележува 30 години од своето постоење. На состанокот се очекува министрите за надворешни работи да разменат мислења околу актуелните случувања, предизвици и идни активности на ЦЕИ во регионот и натамошната соработка на земјите.
Централноевропската иницијатива ја сочинуваат седумнаесет држави од Централна и Југоисточна Европа, а нејзината цел, како меѓувладина платформа за консултации на високо ниво, е да ја поддржи европската интеграција на земјите членки и регионалната соработка како меѓу земјите така и во рамките на ЦЕИ со ЕУ.
На маргините на состанокот се предвидени и средби на министерот Димитров со неколку свои колеги.
МИА