Единаесет лица затруени со чад во вчерашниот пожар во скопската населба Кисела Вода, се хоспитализирани на Универзитетската клиника за токсикологија и се во стабилна општа состојба, информираат денеска од Клиниката.
– Сите пациенти се во стабилна општа состојба. Спроведени се сите дијагностички процедури согласно протоколите за лекување и до добивање резултати од иследувањата, пациентите ќе бидат хоспитализирани. Во најголем дел пациентите имаат потешкотии со дишењето, гушење, кашлање, кивање, и слични симптоми, изјави денеска д-р Наташа Симоновска од Клиниката за токсикологија.
Инаку, меѓу хоспитализираните пациенти има четворица пожарникари. Највозрасниот пациент е на 74-годишна возраст, додека најмладиот на 26-годишна возраст.