Во последниот говор како пратеник Богоевски рече дека оставката ја донел од две причини. Прво дека не сакал да биде пречка за органите на прогонот да си ја вршат својата работа и ги повика да го истражат случајот со аудиоснимката во целост, но и да најдат кој ја направил снимката.
Втората причина за оставката била тоа што тој бил човек кој се залага за правото и правдината. Тој рече дека секогаш бил за вредностите над фотелјата.
,,Вредностите на Шарената револуција се сè уште живи и се на сила и никој не може да ги помести од тежиштето“. – рече Богоевски алудирајќи дека тој и понатаму останува шарен револуционер и борец за каузата за која што се борел.
Рече дека тој не е како Груевски кој е во бегство и кој, како што кажа, се крие зад диктатори. Богоевски ги повика колегите пратеници да дадат поддршка за престанок на мандатот на Груевски, а не, како што рече, да измислуваат смешни оправдувања и да штитат криминалец кој ѝ нанел огромна штета на државата.
,, На крајот сакам да кажам: збогум Никола, јас ќе останам горд и достоинетвен, а ти овде ќе можеш да се вратиш само со лисици и да бидеш на местото каде што ќе треба да си ја отслужиш казната“. – рече Богоевски.