„Еко свест”: Новиот закон за урбанистичко планирање закана за природните подрачја – ММС
ММС

Објавено на: 06/11/19 1:10 PM

„Еко свест”: Новиот закон за урбанистичко планирање закана за природните подрачја

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест” смета дека новиот закон за урбанистичко планирање, за кој вчера во Собранието се одржа втора јавна расправа, е закана за природните подрачја во државава. Бара пратениците да не гласаат за него, а Министерството за транспорт и врски како надлежно да ги земе во предвид укажувањата за недостатоците и да подготви соодветни измени.

Според „Еко свест”, дел од посериозните проблеми на новиот закон, како што велат, е тоа што големите и малите хидроенергетски проекти и рудниците се прогласени како подрачја и градби од државно значење, како и тоа што е намалена можноста за учество на јавноста во урбанистичкото планирање.

– Во законот мора да биде јасно определена моќноста на овие хидроенергетски проекти, не може мали хидроелектрани да бидат градби од државно значење. Исто така, сметам дека е недозволиво во законот да пишува и „други видови подрачја и градби од државно значење”. Ова остава простор за толкување по потреба и манипулација и не смее да се дозволи. Потребно е дообјаснување и дури и такстивно набројување кои се тие други подрачја, истакна Давор Пехчевски од „Еко-свест” на втората јавна расправа за  новиот закон за урбанистичко планирање по која ќе следи амандманска расправа наредната недела.

Според Пехчевски,  во ставот 4 точка 1 од овој закон се овозможува изградба на инфраструктурни проекти во зони за одржливо користење, а со Законот за природа тоа е забрането.  – Членови од законот се во колизија и со постоечкиот закон за урбано зеленило. Повторно гледаме колизија на закони кога станува збор за заштита на природата и неодржлив економски развој за повеќе профит. Навистина не ни е јасно како во момент кога треба да го отвориме Поглавје 27 ние правиме се спротивно од препораките на ЕУ, наведува Пехчевски.

Тој дополнува дека е нелогично да се скрати учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроелектрани и патишта коишто скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природно и културно наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и присилно раселување на население.

-Овој закон е само еден од низата кои имаат моќ да обезбедат одржлив развој на земјата, подобрен квалитет на живот во градот, заштита на здравјето на граѓаните и се ова во насока на ублажување на климатските промени, а сепак тоа не го прави. Бараме од пратениците во собранието како избрани претставници на граѓаните да не го дадат својот глас за закон кој ги има сите погоре наброени недостатоци. И бараме од Министерството за транспорт и врски како надлежно за овој закон сериозно да ги земе во предвид овие недостатоци и да ги направи потребните измени, велат од „Еко свест”.