По минатонеделниот протест со шатори, работниците од прилепски Еурокомпозит кои беа прогласени за технолошки вишок, попладнево се сретнаа со вицепремиерот, Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, но не и со премиерот Зоран Заев со кој неколку пати бараа средба.
Во пресрет на состанокот, Канал 77 го праша Анѓушев какви се плановите на Владата за решавање на проблемот со овој комбинат, но тој кусо одговори дека деталите ќе ги образложи на прес конференција. И покрај ваквата најава, Анѓушев не одржа прес конференција. За средбата се огласија од Владата преку писмено соопштение. Во него, владината прес служба потенцира дека вицепремиерот понудил решение за наследените проблеми согласно законската регулатива во земјава, но не и за какво решение станува збор. На средбата, освен прогласените за технолошки вишок, присуствувале и претставници на управата на комбинатот, на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, но и на Синдикатот на вработените. Тие пак, побарале дополнително време за да се консултираат за понуденото решение.
За технолошки вишок од Еурокомпозит прогласени се над 150 работници. Тие, и покрај двегодишните средби со власта, чекаат да им бидат исплатени дваесет заостанати плати, отпремнини, но и да им бидат платени придонеси.