Фото: Македонска информативна агенција
Пожар избувна денеска во стан на петтиот кат од зграда на улицата „Народни Херои” во Општина Кисела Вода. Пожарникарите успеаја да се справат со пламените јазици, а причинетата штета допрва ќе се утврдува. Од зградата каде избувна пожарот, пет лица се евакуирани. Тројца од пожарникарите се здобиле со повреди, еден од нив има изгореници на десната рака, но е во добра состојба – соопшти командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
„Ситуацијата е под контрола. Спасени се сите граѓани од шестиот и седмиот кат. Сите се во добра состојба. Другите двајца пожарникари вдишаа чад, затоа што горе немавме доволно простор, влезот е таков каков што е. Засега немаме кога никој, продолжуваме со чистење“, изјави Симоновски. Според него, причината поради која настанот пожарот се’ уште официјално не се знае.
„Најверојатно пожарот настанал во кујната“, додаде Симоновски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски потенцираше дека постои фонд на средства за да им се помогне на граѓаните чии домови се зафатени од пожарот, односно тие ќе добијат еднократна парична помош од 30.000 денари.