Со воена свеченост, прелет на воздухоплови и изложба на материјално- технички средства припадниците на воздухопловната бригада од составот на Здружената оперативна команда денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец го одбележаа 10 Јуни-Денот на единицата.
Командантот на бригадата, полковник Роберт Малезански, во обраќањето пред присутните истакна дека припадниците на воздухопловната бригада со својот труд, професионален однос, лојалност и одговорност при извршување на поставените задачи, покажаа дека таа е високо организирана и функционална единица која постигнува резултати за почит.
Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски честитајќи го денот на единицата истакна дека бригадата е одлично оспособена и обучена за својата мисија и задачи и за низа други предизвици со кои се соочувала во минатото и на кои секогаш одговарала со успех.
Арсоски, како што информираат од Генералштабор, напоменал дека периодот кој следи е од исклучителна важност за нашето успешно пристапување и интеграција во воената структура на НАТО, како и опремувањето и модернизацијата на военото воздухопловство.
На припадниците од воздухопловната бригада кои се истакнале во работата им биле доделени стимулативни мерки и значки. Сквадронот за борбени хеликоптери е прогласен за најдобра единица од составот на воздухопловната бригада во изминатата година.
На воената свеченост присуствуваа заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, команданти на командите и единиците во Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
За ден на воздухопловната бригада 10-ти Јуни е денот кога е извршен првиот лет со воен воздухоплов во АРМ. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон, по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на ЗОК.