Објавување и презентација на Огласот за премии за изградба на фотоелектрани – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/19 7:46 AM

Објавување и презентација на Огласот за премии за изградба на фотоелектрани

Во Стопанската комора на Македонија денеска ќе биде презентиран Јавниот оглас за доделување премии за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште.

Презенатцијата ја организира Македонската енергетска асоцијација, а целта е навремено информирање на заинтересираните за условите и критериумите за добивање премии за градба на фотоволтаични електрани на државно земјиште.

Како што е најавено, на презентацијата ќе се обрати вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој во четвртокот соопшти дека денеска ќе биде објавен и првиот јавен повик за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште, со инсталирана моќност од 35 мега вати. За изградба, рече, се предвидени две локации, Свети Николе – за вкупно 25 мега вати и Македонски Брод – за 10 мегавати. Државата ќе ја обезбеди целата инфраструктура и ќе ги заокружи сите потребни административни постапки. На компаниите останува да изготват само основен проект и еколошки елаборат.

Единствен критериум за избор на компаниите ќе биде премиумот што тие ќе го бараат. Постапката ќе биде јавна и максимално транспарентна, преку електронска аукција, со поддавање – намалување на премијата. Според вицепремиерот, со ЕВН е постигната добра цена за приклучоците, околу 20.000 до 30.000 евра по инсталиран мегават. Интересот кај вложувачите, и домашни и странски, е голем, а ограничување за набавката на опремата нема. За струјата, дополни Анѓушев, ќе биде номиниран и откупувач, зашто не сите компании се дел од трговијата со електрична енергија.

Државата предвидува да определи површини за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана снага до 200 мега вати.

МИА