“Парите кои ги плаќаат граѓаните за патарини ги вложуваме во реконструкција на постоечките патишта, за разлика од порано кога со тие пари се инвестираше во споменици и жални врби“ рече денеска во Кавадарци директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, осврнувајќи се на инвестициите кои ги има државата во патната инфраструктура.
„ До крајот на годината ќе имаме буквално најголема инвестиција до сега за реконструкција, рехабилитација на патишта. Не е само да се градат нови патишта. Не може старите да ги оставите, да ги запуштите. Очигледно е дека 30тина година не биле чепнати“ вели Китанов и додаде дека годинава споредено со лани, капиталните инвестиции во патната инфраструктура биле повеќе за 215 отсто.
Министерот за транспорт и врски Сугарески исто така вели дека е задоволен од овие инвестиции во ресорот кој го води, но многу поголема динамика на реализација најавува за следниот квартал од годината.
„ Сега зборуваме за капитални проекти со личен бенефит на граѓаните. 30-40 години не се правени реконструкции на патишта. На сите гранични премни сега се работи. Од Делчево до граничен премин сега патот е писта направен. Во делот на комуналната инфраструктура, во делот на гасификација, железници патна инфраструктура која што не е во централниот буџет капиталните инвестиции одлично тераат. Ако очекувал некои и се повикувана првиот квартал, јануари февруари кога не е градежна сезона, јас би почекал следните 25 дена да ги видиме конкретните бројки во ресорот транспорт. Јас ви кажувам дека Ќе бидат одлични и најава за уште подобри во третиот и четвртиот квартал. Луѓе кои го преќутија периодот на режим и на жални врби и споменици сега се главни критичари. Критиката е добра работа, ние ја слушаме и ќе продолжиме натаму“ рече Сугарески.
Ангел Данов