По неколку децении за прв пат се направи сериозна реконструкција на влезот во Кавадарци од Росоман. Оваа делница која е од големо значење за граѓаните на Кавадарци, но и за бизнис секторот е целосно со нов асфалт, проширена, со средена атмосферска канализација. Со реконструкцијата се овозможува поголема безбедност во сообраќајот на овој мошне фркфентен патен правец. Со реконструкцијата се продолжува и на регионалниот пат кон Росоман.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше на увид на овој проект заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов. Кажаа дека Кавадарци добива сериозна поддршка на неколку капитални проекти.
„Исклучително сум задоволен од процесот на реализација на капиталните проекти. Транзитот кон Кавадарци е направен. Се работи на регионалниот пат Кавадарци-Росоман преку Јавното преторијатие за државни патишта. Паралелно со ова, во државата се работи на преку 550 километри патна мрежа. Во овој дел на нашата држава сериозно се работи и на гасификацијата како капитален проект. Тука се и проектот за водоснабдување во Кавадарци со КФВ банка, кој очекуваме да отпочне некаде во септември, како и експресниот пат Градско-Прилеп. Имаме добра реализација на капиталните проекти а со оглед и на реализираните проекти на општината, сметаме дека Кавадарци навистина може да стане добро место за живеење“ нагласи Сугарески.
Градоначалникот на Кавадарци, Јанчев искажа голема благодарност за поддршката од Владата на Република Северна Македонија и нагласи дека Кавадарци конечно го добива тоа што долги години недостасуваше.
„ Кавадарци го заслужува ова бидејќи сме економски развиен град, помеѓу првите во нашата држава. Сакам да споменам за големото значење на овој влез од регионалниот пат Р 108 од Росоман, кој го изградивме заедно со Министерството за транспорт и врски и Владата, бидејќи имаме зголемен проток на возила на овој влез во градот. Имаме булеварско решение со четири ленти. Следува комплетна рехабилитација до Росоман. До соседната општина ќе имаме комплетно нов асфалт. Со ова решаваме еден долгорочно заостанат проблем, многу лоша инфраструктура. Овде комплетно се решени атмосферски води, канализација, улично осветлување“ вели Јанчев.
Тој информира дека половина од работите се завршени и од проектот за нов мост во селото Ваташа кој чини половина милион евра, исто така средства обезбедени од владата. Со новиот мост кој се гради ќе се намалат честите сообраќајни незгоди.
Јанчев се осврна и на неколкуте други проекти кои се одобрени и ќе се реализираат во следниот период во Кавадарци. Најави реконструкција и проширување на патот од селата Марена и Глишиќ кон Кавадарци и проект за реконструкција на патот Мушов Гроб кон селото Мрежичко.
„Во делот на гасификацијата, чекаме на потстаница, нашиот основен проект за гасификација со ревизија е веќе готов и предвидува 22 километра, па веднаш ќе отпочнеме со реализација на проектот. Ќе поврземе јавни институции, ќе направиме анкети кај домаќинствата за гасот, иако постои голем интерес. Со тоа ќе го решиме загадувањето, додаде Јанчев.
Ангел Данов