Разговорите околу најавената „метла” во Владата се уште траат и се очекува, следните неколку дена премиерот да излезе со конкретен став околу ова прашање.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој е и новиот генерален секретар на СДСМ, денеска изјави дека во следните неколку дена премиерот ќе излезе со конкретен став околу датумот и чекорите што ќе бидат преземени.
– Вчера вечер ние имавме координација и консултациите на премиерот Зоран Заев со сите останати политички субјекти траат. Во следните неколку дена сигурно ќе излезе со конкретен став околу датумот и конкретните чекори и одлуки што ќе бидат преземени. Сето тоа зависи и од останатите прашања поврзани со ЕУ и со датумот за преговори така што, не би имал што да додадам, изјави Николовски, одговарајќи на новинарско прашање до каде е процедурата и дали се познати новите имиња на министри.
Во делот на екипирањето и структуирањето на новото раководство во партијата, Николовски рече дека сите активности ќе се извршуваат во текот на следната недела. – Тој дел секако ќе се движи, но за се друго премиерот ќе ја извести јавноста, рече Николовски.