Приходите во буџетот се согласно планираното, имаме одлична наплата, тоа значи дека Буџетот може да обезбеди реализација на сите расходи што се во него, односно што се гласани од страна на Собранието, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавениот ребаланс на Буџетот, рече дека секогаш во изминатите години се правеле корекции во различни периоди во годината, секогаш кога имало потреба за тоа. -Состојбата, како што рече, постојано се следи и кога ќе имаме донесено дллука ќе ја информираме јавноста.
Тевдовски, во врска најавената реконструкција на Владата, истакна дека е посветен на унапредување на системот за јавни финансии и дава целосна поддршка за одлуките на премиерот.
-Лично сум посветен на реформите, посветен да ги менуваме работите на подобро, да го унапредуваме системот на јавни финансии во земјава. Вчера имавме прилика и зборувавме за тоа и во Брисел, мене ми е драго што и од таму имаме позитивни оценки за тоа каде се движиме, во добра насока е системот на јавни финансии. Имам целосна доверба и поддршка за активностите што ги презема премиерот, бидејќи тој успеа за релативно многу краток период, земјава да ја придвижи во вистинска насока. За секоја негова одлука јас давам целосна поддршка, рече Тевдовски.