Конвенцијата за правата на лицата со попреченост достапна на Брајово писмо и во аудио формат – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/19 2:22 PM

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост достапна на Брајово писмо и во аудио формат

Граѓаните со оштетен вид отсега за своите права ќе може да се информираат од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации, која добива верзија на Брајово писмо. Конвенцијата е достапна и во аудио верзија пристапна за глуви и наглуви лица.

Инклузијата на лицата со попреченост не значи само физичка пристапност, многу поважна е пристапноста до информациите, за да може да се борат за своите права – порачаа денеска од невладиниот сектор.

„Да се биде лице со попреченост во македонски услови се’ уште е едно прашање на кое многу треба да се посветува вниманието. Конвенцијата е најзначајниот меѓународен договор кој ги поставува основните насоки и мерки што државата треба да ги обезбеди за достоинствен начин на живот на граѓаните со попреченост“, посочува  Владо Крстоски од Републичкиот центар „Порака“.

Само информирани и свесни граѓани може да се борат за своите права – изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Таа тврди дека новите социјални реформи се усогласени со ваквата Конвенција на обединетите нации.

„Со овој исчекор, се дава можност тие да бидат информирани и свесни граѓани, а само такви граѓани може да ги бараат своите права. Во пракса, новите верзии значат директна имплементација на Конвенцијата. Социјалните реформи се усогласени со конвенцијата. Хартијата трпи се’, но услугите се адаптираат за да може граѓаните да ги остварат“.

Конвенцијата за права на лицата со попреченост, во земјава е ратификувана во 2011 година. Сепак, колкав е бројот на оваа категорија граѓани се’ уште официјално не знае. Од ресорното министерство очекуваат тоа да го покаже пописот догодина, а дополнително се работи на интегрирано тело за проценка на работна способност, зашто такво во државата се’ уште нема.

 

Вања Мицевска