Петнаесетина граѓански организации јавно ги повикаа Владата и институциите воопшто, во најитен можен рок јавно да се произнесат и да покажат суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење, владеењето на правото и распродавање на јавниот интерес, во врска со Деталните урбанистички планови во Скопје.
Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира и санкционира кога тој е загрозен – апелира невладиниот сектор во јавниот повик.
Еден од многуте, но последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц 08Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел ХолидејИн), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.
Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е започната, заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Планерите законски мора да ги испочитуваат тие насоки. Потсетуваме, велат невладините, дека ДУП Ц08 -Ново Маало 2 беше ставен под т.н.„мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје (наброени подолу). Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП.
Според активистите, со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Тие потсетуваат дека овој план се изработува од приватна фирма која го добила тендерот со цена од само еден (1) денар по хектар, што според нив, отвора простор за сомнеж за тоа чии интереси таа ќе остварува. Објавено е дека Државната комисија за спречување корупција отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар. Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц 08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната Шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите – се додава во јавниот повик.
Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини – велат граѓанските организации, кои бараат:
– Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на ДУПЦ О8, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје.
– Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.
Дополнително, тие бараат да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања. Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект „Скопје 2014“, кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-овите.
Граѓанскиот сектор бара институциите да покажат дека не го поддржуваат финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Во спротивно, најавуваат дека ќе побараат политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.
Потписници на повикот се:
Здравје пред профит во Центар
Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС)
Институт за комуникациски студии (ИКС)
О2 Иницијатива
Македонски еколошко друштво (МЕД)
Македонски институт за медиуми (МИМ)
Центар за економски анализи (ЦЕА)
Центар за европски стратегии Евротинк
Ние сме Карпош 4
Плоштад Слобода
Прима Центар
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
Нво Инфоцентар Скопје
Коалиција за одржлив развој – КОР Скопје
Факултет за работи што не се учат