Со времен пасош, кратко откако му беше укината мерката куќен притвор, бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот на СЈО „Империја“ од салата во Келн го следеше играњето на ракометарите на Вардар. Камчев добил пасош од Основниот суд Скопје 1 по одлука на судија на претходна постапка, а по предлог на СЈО. Како што објаснуваат од таму, за бизнисменот сега има само мерки на претпазливост и поради тоа му била дадена дозвола за издавање на пасош.
Порталот Сакам да кажа, објави дека СЈО дало дозвола за времено враќање на пасошот на Камчев, но дека тоа се случило, најверојатно дознале кога го виделе на телевизија синоќа во публика и на подиумот на ракометниот меч Вардар-Веспрем во Келн.
-На втори мај 2019 година до Специјалното обвинителство е доставен предлог да се даде дозвола за времена патна исправа на осомничениот Камчев. Таа дозвола СЈО ја даде. Но, до денеска од Основниот суд Скопје 1 го немаме добиено решението дека судија на претходна постапка времено му го вратил пасошот на осомничениот. Патем, остануваат мерките за безбедност против него, изјавија од СЈО за СДК.
СЈО нема информација до кога тој ќе може слободно да шета во странство.