Евентуалното одложување на добивањето на датум за преговорите, најдоцна до почетокот на идната година, не треба да го зголеми евро-скептицизмот во нашата држава, туку напротив, и власта и опозицијата заедно да застанат во лобирање за добивање на датум за преговори во европските центри, изјави денеска претседателот на Македонското политолошко друштво Марјан Ѓуровски на академската дебата организирана од Македонското политиколошко друштво во соработка со Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирили и Методиј” во Скопје.
Според Ѓуровски, во овој момент особено е значајна улогата на македонската опозиција бидејќи носењето на одлуката во Брисел и во европските центри зависи и од десничарските партии што се доминанти во одлучувањето во Европската Унија и Европскиот Парламент.
– Во изминатиот период по добивањето на позитивен извештај од страна на Европската Комисија, слушнавме различни рецитирања со датумите за стартот на преговорите со Европската Унија. Во најмала рака, тоа е политички неодговорно со оглед на тоа што независно дали датумот ќе биде до крајот на јули или до крајот на оваа година, почетокот и стартот на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија не зависи од нашата држава затоа што ние во моментов домашната задача ја имаме исполнето, рече Ѓуровски.
Нагласи дека Европската Унија не смее да го заборави овој дел од Западниот Балкан со оглед на тоа што се затвора едно значајно прашање на стабилизација со зачленувањето на државата во НАТО, но како што рече, може да се зголеми интересот за субверзивни дејства на Руската Федерација и Кинеската економија и нејзините евтини пари на овој дел од Балканот.
Додаде дека токму преговорите ќе претставуваат поттик за завршување на реформскиот процес во државата.
– До сега имаме позитивен тек и позитивни оценки, но особено е важно да се посветиме на имплементацијата на реформите и домашните задачи, и важно е ако успееме во претстојниот месец државата да се одвои од пакетот со Република Албанија, затоа што состојбата и климата во државата е значително позитивна и нашите настојувања се поголеми, за да некаде најдоцна кон почетокот на идната година да ги започнеме преговорите со ЕУ, што значително ќе значи безбедносна и политичка стабилизација на земјата, додаде тој.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние посочи дека не знае кога ќе биде датумот за преговори бидејќи за тоа ќе одлучат земјите членки на Европската Унија.
– Земјава направи напредок, сега треба да се оцени дали проектите и напредокот што е направен е доволен, но исто така да се види во каква состојба се наоѓа Европската Унија и нејзиниот капацитет дали може да вклучи нови членки. Можеме да зборуваме за тоа дали ќе се работи за унапредување според старост или според заслуги, или најверојатно одлуката што ќе ја донесат земјите членки ќе биде комбинација од двете. Сепак, местото на земјите од Западен Балкан сакаме да го видиме во една реномирана европска конструкција, рече Тимоние.
Додаде дека е значајно да се продолжи со регионалното помирување, но исто така треба да се продлабочат реформите во областа на владеење на правото каде останува уште многу да се работи.
– Што се однесува до Франција, ние сме вклучени во тоа, бидејќи претседателот Макрон неодамна ја презентираше француската стратегија за Западен Балкан. Еден дел од таа стратегија се состои во тоа да ви помогнеме во подготовките на претпрестапните преговори. Треба да се одржи четвртата работилница од низата што ги организираме во рамки на Секретеријатот за европски прашања, со што помагаме оваа институција да се подготви за отварањето на престапните преговори, посочи Тимоние.