Се запали автобус за превоз на ученици во штипско – ММС
ММС

Објавено на: 06/3/19 12:08 PM

Се запали автобус за превоз на ученици во штипско

Од штипската Полициска станица информираат дека  денеска околу 10.10 часот од Територијалната противпожарна единица било пријавено дека на клучка с.Лесковица кон с.Пиперово, штипско, настанал пожар на автобус.Во него се превезувале 40-тина третооделенци од ОУ „Гоце Делчев“ на еднодневен излет.
Децата веднаш биле извадени од автобусот и сместени на безбедно место, додека, како што раскажуваат очевидци, возачот се обидувал да го реши проблемот. Меѓутоа, набргу чадот преминал во оган. Била повикана екипа од Територијалната противпожарна единица и набргу автобусот бил изгаснат. Сепак, поголем дел од возилото било зафатено со огнот.
Овој автобус бил прв од конвојот од неколку автобуси, кој превезувал деца од прво до петто одделение на локација кај селото Пиперово. Учениците од погорните одделенија со уште неколку автобуси претходно успеале да стигнат на друга локација кај селото Брест.
СВР Штип информираше дека денеска околу 10.10 часот до штипската Територијалната противпожарна единица било пријавено дека се запалил автобус кај клучката од село Лесковица кон село Пиперово.
Од УО „Гоце Делчев“ потврдија дека навремено е интервенирано и децата се извадени од автобусот. Третооделенците веднаш биле однесени во селото и не го виделе моментот на палењето на автобусот.
Како што дознаваме, еднодневниот излет е организиран како што налага законот, преку туристичка агенција избрана на тендер. Основен јавен обвинител изврши увид на местото на настанот.