Анѓушев: Образованието предизвик за економијата, простор за подобрување на капиталните инвестиции – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/19 2:03 PM

Анѓушев: Образованието предизвик за економијата, простор за подобрување на капиталните инвестиции

Владините економски политики и мерки го придвижија економскиот раст,  економијата од виртуелна е трансферирана во реална, при што носител е индустрискиот раст. Предизвик за економијата во следниот период е образованието и мора да се промени девастираниот образовен систем бидејќи може да стане ограничувачки фактор за економијата. Има простор за подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции и поефикасно работење во делот на проектите кои се надвор од Буџетот.

Тоа се дел од оценките на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во обраќањето на форумот по повод две години од формирањето на Владата.

Анѓушев оцени дека годинава ќе биде една од најуспешните економски години и посочи дека Владата има капацитет и сила да испорача таков резултат.

Економскиот раст од  -1,8  проценти што го наследивме, посочи вицепремиерот,  премина во раст од 3,2 проценти во последниот квартал лани. За првиот квартал годинава очекува подобра бројка од последниот квартал лани. Наспроти тоа што во изминатите десет години растот беше направен со задолжување од над три милијарди евра, сегашниот, како што наведе, е направен без никакво задолжување.

– БДП е резултат на активноста на целата економија, тоа на долг  рок е одржливо и тоа и треба да нашата држава на долг рок, тоа се обидовме како економски тим на Владата да го постигнеме.  Тоа е суштината ако сакаме реален економски просперитет. Реалната економија е таа која  го направи економскиот раст. Како држава ја имаме улогата не да бидеме нивни партнери, не да се мешаме и не да бидеме главни фактори, туку да создадеме клима како економијата да расте  таа да не биде виртуелна. Токму тоа и го направивме со политиките и програмите за економски раст преку повеќе мерки, рече Анѓушев.

Тие мерки можеа да бидат критикувани, но, како што посочи, после две години дадоа резултат и денес БДП главно се темели на индустрискиот раст.

Анѓушев потенцира дека никој не може да негира дека се градат 19 фабрики во ТИРЗ-овите,а надвор од нив уште шест – седум фабрики, како и дека се зголемиле странските директни инвестиции кои лани достигнаа 624 милиони евра, а во првиот квартал директните средства донесени во државата за правење фабрики и купување машини  78,9 милиони евра, петпати повеќе  во просекот од последните седум години. Не може да се занемари и фактот, како што рече, дека невработеноста падна под психолошките  20 проценти, дека се вработени 26.600 граѓани, како и дека за над седум проценти се зголеми нето платата.

Мораме економијата да ја извадиме од дневно политичката пресметка ако сакаме  да направиме добро за сите граѓани, а овие факти не може никој да ги негира, рече Анѓушев.

Тој посочи и на резултатите во енергетиката кои биле нотирани и во оценките од Извештајот на Европската комисија. За две години успеавме државата легислативно да ја трансформираме во рамките на Европската унија. Тогаш некој зборуваше дека тоа ќе предизвика енормно зголемување на цените на струјата, напротив таа во последните две години не се промени и за разлика од нејзиното поскапување за 75 проценти во претходните четири пет години. Отворен е широк простор за инвестиции во обновливи извори на енергија, наведе, меѓу останатото, Анѓушев.

На форумот се дебатираше на повеќе прашања, како што е изградбата на инфраструктурата, плановите за рамномерниот регионален развој.