Сообраќајот во земјава се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На Регионалниот пат Р1107, Транзитен дел низ Кавадарци (Западен Булевар), и денеска ќе се изведуваат градежни активности од 8:00 до 17:00 часот.
АМСМ информира дека автопатот Миладиновци – Штип, секција Миладиновци – Кадрифаково и Кадрифаково – Миладиновци не е пуштен за сообраќај и оти на овој автопат се вршат проверки од безбедносен карактер. АМСМ апелира до сите возачи да не го користат автопатот.