Македонците не го забораваат Мазенковски, големиот борец за нивните права во Албанија – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/19 2:56 PM

Македонците не го забораваат Мазенковски, големиот борец за нивните права во Албанија

Во селото Леска, општина Пустец, Мала Преспа оддаден му беше едногодишен помен на Спасе Мазенковски големиот македонски патриот, писател новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.

Почит му искажаа голем број негови сограѓани, колеги, претставници на македонските друштва, локалната власт, како и македонската партија МАЕИ.

-Македонците во Албанија не го забораваат неговиот огромен придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и зачувување на македонскиот национален идентитет. Целиот свој живот го посвети во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија, изјави Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, а од неодамна пратеник во албанскиот Парламент.

Спасе Мазенковски целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска, каде беше роден и каде се наоѓа неговото вечно почивалиште.

-Како основач и претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа” и основач и главен уредник на весникот „Преспа” имавме голема соработка, се во насока на доброто на Македонците и нивно навремено и објективно информирање, вели неговиот најблизок соработник Ефтим Митревски, главен и одговорен уредник на весникот „Преспа”.

Мазенковски на македонски јазик има објавено повеќе поетски збирки, книги, раскази и репортажи „Преспа моја”, „Разбојна китка”, „Торбулето на татко ми”, „Преспанска убавица”, „Лабид и Преспана”, „Рѓосани бисери”, „Историја на македонскиот народ во Албанија”, која е преведена на албански јазик.

Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели „Новиот свет” во Албанија.