Груевски најави оставка од пратеничката функција на Фејсбук – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/19 12:03 PM

Груевски најави оставка од пратеничката функција на Фејсбук

Поранешниот премиер Никола Груевски кој моментално се наоѓа во егзил во Унгарија на својот фејсбук профил денеска најави дека ќе се повлече од пратеничката функција. Тој вели дека за оваа одлука во наредните денови и формално правно ќе го извести Собранието.

„Опсесијата со мене ја натера власта набрзина и хистерично да менува закони, деловник за работа на парламентот и вообичаената пракса на работа во парламентот само за да ги задоволат своите лични фрустрации,комплекси и опседнатост со мене до степен на ,,кошмар,,, како и потребата со лажна пропаганда да ги задскриваат своите катастрофални и ненародни политики. Дојдоа до степен на секретарката во парламентот да и забрануваат да ме пријави како оправдано отсутен. Целта легално да ми го одземат мандатот е јасно дека е неостварлива“, пишува поранешниот премиер.

Тој вели дека иако правото, Уставот и меѓународните документи се на негова страна нема да дозволи поради неговиот мандат партијата и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да бидат изложени на притисок, лажна пропаганда и медиумски линч, па затоа донел долука да се повлече од пратеничката функција.

Во фејсбук статусот тој исто така им заблагодари на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што принципиелно издржале и не дозволиле да му го одземат мандатот.

Комисијата за мандатно имунитетни прашања со пет гласа „за“ и ниту еден против и воздржан во средата му предложи на Собранието да му го одзеде мандатот на Груевски кој шест месеци е неоправдано отсутен од работа.

Пленарната седница за пратеничкиот мандат на Груевски би требало да се одржи наредната недела. Ова ќе биде втор обид на Собранието за одземање на мандатот на Груевски, за што потребно е двотретинско мнозинство.