Тевдовски: Од утре плаќање во кеш најмногу до 500 евра – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/19 3:10 PM

Тевдовски: Од утре плаќање во кеш најмногу до 500 евра

Министерството за финансии ја продолжува борбата против сивата економија и за таа борба има институционален капацитет, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

За време на денешната работна посета во Битола, министерот Тевдовски потврди дека од утре стапува на сила законското решение според кое во платниот промет, во кеш ќе може да се плаќа само до 500 евра во денарска против вредност.

-Клучно е дека оваа мерка се спроведува со цел да се намали сивата економија и затоа што со плаќање на црно, практично се прави штета на граѓаните. Заради тоа ние превзедовме мерка за спуштање на лимитот за плаќање во кеш и таа мерка се спроведува од порано бидејќи првиот лимит беше на 2.000 евра и успешно се реализира, потоа од 1 јануари годинава лимитот беше спуштен на 1.000 евра, а од утре ќе биде до 500 евра. Во Законот јасно е нагласено дека од 2.000 евра лимитот ќе го спуштаме на 1.000 евра и ќе застанеме на 500 евра. Тоа е добро, бидејќи тоа е борба против сивата економија и против плаќањата кои не се пријавени и не се оданочени. Ние имаме институционален капацитет да ја спроведеме оваа мерка, покажавме дека тоа од минатата година успешно се спроведува и така ќе продолжиме, изјави министерот Тевдовски.