Неопходно донесување Закон за младинско учество и младински политики – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/19 3:04 PM

Неопходно донесување Закон за младинско учество и младински политики

Законот за младинско учество и младински политики е важен поради тоа што уредува рамка во која младите ќе можат да се организираат да се застапуваат пред институциите и заедно со нив да креираат политики, како и поради тоа што е продукт на огромна работна група составена од претставници од Собранието, пратеници, младински организации, партиски подмладоци и претставници од Агенцијата за млади и спорт.

Ова го истакна дел од работната група за изготвување на Законот за младинско учество и младински политики на денешниот брифинг со новинари.

Законот, како што појасни Стефан Андоновски од Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, го уредува младинското учество и политиките и сервисите за млади.

– Што се однесува на делот на младинско учество се обидовме и интенцијата на законот е да ги преставува сите млади независно од тоа дали се организирани во формални или неформални групи и на локално и на централно ниво и нивниот глас да биде слушнат и во институциите. Што се однесува на сервисите и политиките за млади се обидовме да предвидиме политики, мерки на државните институции и едно стратешко планирање што ќе им овозможи за младите да постојат државни политики кои што ќе им ги регулираат нивните права, вели Андоновски.

Според него, многу е значајно како партиски подмладоци да ги претставуваат младите организирани во политички организации затоа што на тој начин ќе може да бидат претставени во институциите и да го кажат тоа што го мислат директно, без дополнителни претставници.

Како што информира Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија, моменталната рамка што ја предвидува предлог текстот, во однос на возрасните граници е од 15 до 19 години.

– Се водевме од некои добри примери на европско ниво и од Европската унија што ги класифицира младите, ги врамува на возрасната граница од 15 до 29 години. Тоа значи дека имаме и средношколци, но и луѓе кои се вработени во овој спектар на класифицирање, вели Малески.

Во однос на овој закон, тој информира дека е предвидено да се формира претставничко тело, но и тело кое ќе биде советодавно, каде што ќе се разгледуваат клучните работи за младите, во соработка со Владата.

Малески информира дека се предвидува секоја државна институција, како и општините да има еден младински службеник кој ќе биде назначен како појдовна точка за секоја работа што ја прави таа институција за младите. Предвидуваат и младинска канцеларија на локално ниво, каде би биле сместени сите информации што се потребни на младите луѓе, како и младински центри кои би биле оформени во зависност од спецификите на општините, а таму би требало да има младински работници кои за првпат се дефинирани во овој Закон и би работеле со младите за нивниот личен развој.

Од финансиски аспект, Ивана Туфегџиќ, пратеничка во Собранието, вели дека е важно во Законот да има точни финансиски средства бидејќи, како што рече, овој закон ќе бара финансиски средства и за спроведување на стратегијата, за сервисите и за локалните стратегии и генерално за спроведување на целиот текст на сите одредби од законот.