Некогашната гордост на Штип и штипјани термалната бања Кежовица страна жртва на негрижа на политички поставените кадри. Која партија како доаѓање на власт, така безмилосно се пресметувала со богатите ресурси што ги дала природата. Бањата, позната од турско време по лековитата радиоактивна топла вода, богата со радон, последните десетина година се надгрди до непрепознавање. Бањата се руинира на очиглед на штипјани, кои редовно доаѓаат поради лековитите својства или благодедта на водата.
Зградата на бањата, но, уште поважно базените со топла вода со целокупната инфраструктура и тушевите се руинирани. Нема славини или тие што ги има не се целосно фунционионални. Апсурдот е што бањата, која е лоцирана до коритото на реката Брегалница, има свој систем на студена вода и како што се случши неодамна, да снема вода од водоводот или откаже пумпата, нема можност за разладување на топлата вода, нема резервар, а со тоа и бањата не е во функција.
Внатрешноста на бањата е најдобра слика на работењето на партиските кадри. Голема победа на локалната власт на СДСМ пред 15-тина години е замената на венецијанското терацо. Но, и тоа не траеја долго. Не поради нивниот квалитет, туку затоа што кога власта ја презеде ВМРО ДПМНЕ, одлучи пак таму да интервенира, со замена на плочките, кои просто беа излепени со нови, со силикон, кој не успеа да ги издржи влијанието на термалната вода и една по една почнаа да паѓаат. Друг апсурд е замена на отпорните алуминиумски врати со ПВЦ, кој набргу почнаа да се искривуваат и пропаѓаат. Ѕидови се нагризани со тавани од фасаден малтер што паѓаат, висечки кабли, искршени врати од иверица – тоа се само дел од условите кои ќе го дочекаат секој дојденец, понесен од новинарските написи за штипската спа од турско време.
Друга приказна е управувањето, поточно неуправувањето со бањата. Овој вреден објект е предаден во рацете на таткото на довчерашниот претседател на општинската организација на СДСМ во Штип и советник во кабинетот на градоачалникот, Никола Тушев. Постариот Тушев, е неофицијален раководител на бањата, бидејќи е со средно образование и не ги исполнува условите да биде раководител. Мите Тушев, е заслужен кадар на Социјалистичката партија на Ѕинго и некогашен кадидат на оваа партија за градоначалник во Општината Карбинци, против кандидатот на СДСМ. Позицијата на господинот Тушев, како прв кадровник на штипските социјалдемократи, му даде слобода да заборави на непотизмот и таткото го смести во удобната шефовска позиција на бањата. Но, тоа не е најсуштинското во случајот. Бањата е препуштена сама на себе, бидејќи раководителот Мите Тушев во работно време е хонорарен продавач на полиси за осигурување и има поважна работа во животот од раководењето на пропадната бања.
Веројатно и онака сама ќе падне. Но, и покрај ваквите услови, цената на користење на услугите на бањата беше зголемена за 30%, а услугата е полоша од времето со пониски цени на што бурно реагираа граѓаните, а најгласни жителите од штипско Ново Село.
Од штипската спа нема ни А, благодарение на фактот дека бањата стана предмет на политичко раскусурување, преку поставување на луѓе кои ниту сакаат, ниту имаат време да се занимаваат со својата редовна работа, за која примаат плата, заштитени од локалните шерифи и политички моќници.
На крај, загубата е на сите граѓани, кои неретко знаат да се пофалат со природните потенцијали на топлата вода и нивните лоши одлуки на изборите.