Двајца кавадарчани каснати од змија – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/19 9:33 AM

Двајца кавадарчани каснати од змија

Првите два случаи на каснување од змија во кавадаречката болница се регистрирани деновиве. Жена е касната на раката додека се подготвувала за спиење. Змијата била сокриена во нејзиниот кревет. Исто така змија каснала и 64 годишен маж од Кавадарци.

Од екипата на итната медицинска помош ги потврдуваат двата случаи и раскажуваат за непријатната случка на кавадарачанката. Змијата била заматана во ќебето на креветот. Во моментот кога жената легнала, а претходно го изгасила светлото била касната од „гостинката“ во нејзиниот кревет. Откако жената ги повикала своите најблиски, змијата побегнала. Сега се сомневаат дека таа е некаде во нивната куќа.

„За разлика од минатите години, годинава досега имаме само два случаи на каснување од змија. Кај една повозрасна жена и кај повозрасен маж. Истите беа со лесна симптоматологија. Беше дадена серумска и инфузиона терапија. По два дена лекување на хируршкиот оддел беа пушени, бидејќи немаа никакви компликации“ вели д-р Дано Кулев хирург во општа болница Кавадарци и апелира до сите граѓани да бидат особено внимателни кога извршуваат работи на отворено, бидејќи, како што вели докторот,  змијата никогаш сама не напаѓа,  ако не се осети загрозена.

И двајцата кавадарчани се каснати од змии отровници, жената најверојатно од поскок, додека мажот од змија брзострелка, како што е позната во кавадаречко.

Ангел Данов