Кавадарци доби нов генерален урбанистички план – ММС
ММС

Објавено на: 05/30/19 4:30 PM

Кавадарци доби нов генерален урбанистички план

Кавадаречкиот совет денеска во рамки на 25-та редовна седница едногласно го усвои новиот генерален урбанистички план за градот и населените места Ваташа и Глишиќ. На овој урбанистички документ граѓаните и бизнис секторот долго чекаа, бидејќи не можеа да планираат проширувања на своите објекти за домување или на деловни објекти.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев смета дека носењето на овој план е задоцнето, но тој кога ја превземал функцијата неговото усогласување било на самиот старт. Вели дека со помош на сите служби во општината и министерствата за година и половина успеале да стигнаат до новото урбанистичко решение.

„ГУП главно се состои од негово усогласување. Не е земено во предвид проширување на планот. За мене тоа е недостаток,  но во наредниот период ќе преземеме иницијатива за нов план за проширување на самото градско јадро и индустриска зона. Голем бенефит ќе имаат сите жители на општина Кавадарци,  затоа што секоја намена која се решава со детален урбанистички план е генерално усогласена според потребите на граѓаните и индустријата“ вели Јанчев.

Тој пред советниците информираше дека со новиот ГУП е направена и промена на категоризацијата на улиците во градот. Улици од повисок, се спуштени во улици со понизок ранг се со цел да се овозможи и воведување на зонското паркирање, бидејќи за истото се чекаше токму овој урбанистички план.

„Спуштањето на категоријата на улици   од магистрална во собирна  значи сите што имаат деловни објекти или објекти за домување сега да можат да добијат регуларен пристап,  влез и излез кон нивните парцели и објекти. Покрај тоа што имале изградено со градежна дозвола тие немаа соодветно решение за влегување и излегување во нивните парцели или објекти“ нагласи градоначалникот.


Во новиот урбанистички план, што сега се носи после планот од 1950 година,  е вметната и заобиколницата која е планирано да се прави од пред село Марена, да излегува пред Дреклсмаер кон Југо комерц, а во втора фаза да продолжи кон месноста Катуниште,  а потоа да се поврзе и со новиот граничен премин кон Грција.

Ангел Данов