Под слоганот „Мојата невидлива МС” одбележан Светскиот ден на мултипла склероза – ММС
ММС

Објавено на: 05/30/19 1:54 PM

Под слоганот „Мојата невидлива МС” одбележан Светскиот ден на мултипла склероза

Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија денеска на плоштадот „Македонија” со промоција на кампања за подигање на јавната свест за мултипла склероза и за невидливите симптоми на оваа болест, го одбележа Светскиот ден на мултипла склероза. Мотото на годинашното одбележување на Светскиот ден е „Мојата невидлива МС”.

Претседателката на огранокот за мултиплекс склероза при Мобилност Скопје, Христина Просковска информира дека во светот од 2009 година почнал да се одбележува овој ден, со цел подигање на јавната свест за оваа болест и за подобрување на начините во борбата против оваа, како што рече, тешка и комплексна дијагноза.

– Оваа година одлучено е мотото да биде под слоганот „Мојата невидлива МС”. Тоа се симптоми што човекот спроти вас не може да ги забележи. Телесниот инвалидитет ќе го видите-во количка, со одалка, со штаки, тремор или гестикулации, но мултиплексот носи симптоми што не може да се видат со голо око. Самиот пациент ги чувствува и тие се многу погубни, како што е на пример оштетен вид, хроничен умор, несоници, болки во мускулите, нарушен метаболизам, дури и доаѓа до некои „психоментални” пореметувања кои се можеби во помала мера него останатите, вели Просковска.

Таа информира дека оваа година се посвети на тие невидливи симптоми на МС оти, како што рече, оваа болест е со илјада лица и е премногу комплексна, затоа и начинот на лекување е многу тежок.

– Свеста кај граѓаните ми се чини дека се подига со толкав интензитет колку што ние помагаме. Доколку сме ние пасивни и не се бориме за нејзе и не бараме како да си го подобриме животот, толку и јавноста е попасивна, некако како математичка прогресија му доаѓа. Не велам дека се што ќе побараме ние имаме дослух за тоа, но доволно е од десет барања, едно да биде усвоено, тоа е за нас полн погодок и ми се чини дека јавната свест почнува да реагира на нашите барања и на нашите потреби во врска со оваа исклучително тешка болест, истакна Просковска.

Подоцна во Порта „Македонија” се одржа мотивациско предавање од д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник и тренер за личен развој. Тој зборуваше за клучните аспекти на мотивацијата, позитивната енергија, надминување на препреките и како да го вратат оптимизмот, самодовербата и позитивниот став заболените лица од МС во надминување на проблемите со кои секојдневно се соочуваат.