Универзитетската Клиника за хематологија од Скопје за време на одржувањето на спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчат” ќе врши упис на потенцијални донори во Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.
На штандот на Здружението за поддршка на лица со ретки болести што ќе биде поставен на на Градскиот плоштад во Охрид в недела на самиот ден на трките во рамки на „Охрид трчаТ”, стручни тимови од Клиниката за хематологија и на Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје на потенцијалните донори ќе им го објаснуваат процесот на зачленување во регистарот, а на лице место ќе бидат обезбедени услови за земање примероци крв за вршење ХЛА-типизација. Со регистрирањето секое лице станува дел од глобалното семејство што брои над 30 милиони доброволни дарители на коскена срцевина во светот.
Инаку, во тек е Националната кампања „Биди срцевина, биди херој” што ја спроведува Клиниката за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана гентика при Медицинскиот факултет во Скопје, а со поддршка од Министерството за здравство. Целта на кампањата е подигање на свестата за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.