Да се подобри имиџот на занаетчиството и тоа да стане значаен фактор за развој на економијата во нашата земја – бара Комората на занаетчии. Оттаму порачуваат дека ситуацијата со занаетчиството ќе се подобри со поголем квалитет на средното стручно образование. Занаетчиите инсистираат на дуално образование или пак практична обука кај работодавачи, за да може младите да имат можности директно да се вклучат во процесот на работа.
Занаетчиството е важен фактор на економскиот развој и како стопанска дејност има потенцијал, но тој не е доволно искористен – оценува претседателот на Занаетчиската комора, Никола Петров
Министерот за економија, Крешник Бектеши најавува финансиска поддршка за занаетчиите од четири милиони денари. Средства ќе бидат издвоени и за коморите за да организираат настани за промовирање на занаетчиството во нашата држава.
„Министерството почна со зголемување на буџетот за поддршка на занаетчиите. Определивме четири милиони денари за занаетчиите да набават опрема и алатки, но истовремено да ги уредуваат нивните објекти“, информира Бектеши.
Со цел да се даде значење на титулата „мајстор“ во образовниот систем, триесет лица се стекнаа со мајсторски дипломи, што ќе им овозможат да учествуваат во оспособување идни кадри фризери. Ќе можат да спроведуваат практична обука на ученици од средните стручни училишта, да бидат обучувачи за возрасни во процеси на доквалификација и преквалификација. Дипломите ги стекнаа во рамки на проектот „Подобрување на капацитетите за зголемување на вработувањето во занаетчискиот сектор и бизнисите во Република Северна Македонија“, поддржан од Проект на УСАИД за развој на деловниот екосистем.