Последната делница од автопатот „Арбен Џафери“, кој го поврзува главниот град на Косово со границата со нашата земја денеска и официјално е пуштена во употреба.
Автопатот го има највисокиот и најдолгиот мост на Балканот, за што од косовскиот буџет беа издвоени 705 милиони евра.
Со ваквото инфраструктурно поврзување, од Приштина до Скопје ќе се стигнува за околу 45 минути. Сепак, македонскиот дел од четиринаесетина километри се уште не е почнат, па за да може ние да стигнеме за исто толку време до Приштина ќе треба да почекаме до 2023 година, зашто тоа е рокот за завршување на изградбата, според Министерството за транспорт и врски.
Премиерот Зоран Заев порача дека пуштањето во употреба на овој автопат е мотивација за да се забрза постапката и во земјава.
„Овие денови и кај нас се распишува тендерот за автопатот од 14 километри вреден 120 милиони евра. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути. Наша обврска е автопатот Блаце – Скопје, како дел од рутата 6 од паневропската мрежа на патишта да почнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време, рече Заев.
Тој дополни дека автопатот „Арбен Џафери” е своевидна „награда за трпеливоста и за бројните врски што ги имаат Косово и Република Северна Македонија на секој план”.
Според Заев „оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави регионот поврзан, близок и пријателски”.
Автопатот Арбен Џафери почна да се гради во 2014-та година,кога беше одлучено да го носи името на македонскиот политичар од албанско потекло, Арбен Џафери. Долгогодишниот лидер на ДПА кој почина во 2012 –та година, беше високо почитуван кај сите Албанци од регионот.