Луѓето во Северна Кореја се принудени да даваат мито за да преживеат, утврдено е во извештај на ОН за човекови права, составен според сведочења на 214 лица, кои успеале да избегаат од земјата во 2017 и 2018 година.
Владата во Пјонгјанг ги демантира овие информации.
– За граѓаните на Северна Кореја животот е секојдневна борба за преживување во магичниот круг на сиромаштија, корупција и репресија, се вели во документот и се додава дека државата не ги обезбедува основните потреби на граѓаните и ги тера на сива економија.
Правото на храна, здравство, засолниште, работа, слобода на движењето и воопшто на слобода се универзални и неповредливи, но во Северна Кореја тие зависат главно од можноста на луѓето да даваат поткуп на државни службеници, истакна високата комесарка на Обединети нации за човекови права Мишел Башеле.
Работата што ја обезбедува државата не е доволна за луѓето да преживеат, стои во документот.
Во исто време, оние кои се обидуваат да продадат нешто се апсат. Заканата за апсење е средство со кое луѓето се тераат да даваат мито, се подвлекува во извештајот.
МИА