Отворен прв Дневен центар за Даунов сидром – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/19 3:37 PM

Отворен прв Дневен центар за Даунов сидром

Прв Дневен центар за Даунов сидром во земјава беше отворен денеска во Скопје. Тој дневно ќе може да пружи услуги за триесеттина деца со Даунов синдром, со кои ќе работи стручен тим од Центарот за социјални работи. Тие во центарот ќе може да се социјализираат, да се рехабилитираат, но и да се вклучуваат во креативни активности.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека Центарот е резулат на соработка на повеќе засегнати страни, и како што рече, тој покажува дека може да се добијат стандарди и квалитетни услуги и сите да бидат задоволни.

Појасни дека Центарот е поддржан и од Град Скопје. МТСП преку Центарот за социјална работа на Град Скопје, го опремило со средства во висина од 6,5 милиони денари. Граѓанските организации, рече Царовска, меѓу кои и Здруженијата на родители на деца со Даунов синдром учествувале во дизајнот и исполнувањето на стандардите. Во него има можност и за релаксација и за рехабилитирање и унапредување на вештините на децата, за реализација на креативни активности и затоа министерката е уверена оти тој ќе стане место каде овие деца ќе се дружат и ќе се социјализираат.

-Социјалната реформа од една страна се базира на давање повеќе пари кон граѓаните, што го правиме со новите закони, но втората, и можеби најважна компонента е развојот на услугите. Со овој Дневен центар покажуваме дека услугите се важни за квалитетот на секојдневното живеење на  секој еден граѓанин вклучително и на лицата со попреченост, рече Царовска.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потенцира дека Градот финансиски го помага овој проект , и оти втора годинаа по ред финансиски го поддржува Здружението на родители на деца со Даунов синдром, и најави дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина.

-Јас искрено верувам во политиките на инклузија и оти сите граѓани во нашето општество заслужуваат еднаква шанса, рече Шилегов.

Центарот ќе работи двосменски од 8 часот наутро до 20 часот навечер. Со децата ќе работи стручен тим од Центарот за социјални работи – педагог, психолог, дефектолог и негувател, но и преставници на Здружението на родители на деца со Даунов синдром. Ќе се спроведува и групна и индивидуална работа со овие деца.

Елизабета Пендаровска, сопругата на претседателот на државата, смета дека станува збор за исклучително важен Центар кој ќе овозможи подобрување на социјалната состојба на овие дечиња, кои треба што повеќе да се дружат и да се социјализираат.

Но, исто така, Пендаровска смета дека треба да се работи и на нивна целосна инклузија во општеството преку развивање на нивните способности и таленти, а не да бидат изолирани во поединечни центри.

На отворањето на првиот Дневен центар за Даунов синдром беше упатена порака сите граѓани кои се во можност да дадат придонес во неговото функционирање преку волонтирање.