Парламентот е целосно отворен за соработка со граѓанскиот сектор, зашто тој е моторот на промените во општеството – им порачаа пратениците денеска на невладините организации. Дел од нив возвратија дека ситуацијата не е таква каква што ја претставуваат. Соработката меѓу пратениците и невладините беше тема на дебата на Националниот форум кој попладнево го организираше Цивика мобилитас.
Да се институционализира соработката со Собранието – предлагаат невладините организации. Тие бараат поголемо учество во носењето на законите, за што сметаат дека треба да се формира посебно работно тело, или канцеларија која ќе служи за координација меѓу нив и пратениците.
„Дали може да се воспостави тело за соработка, кое би ги координирало напорите и нормално, би станало задолжително? Мислам дека ако се формира вакво тело, тоа би било трајно“, изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
На неговиот предлог се надоврза Ване Цветанов од Здружението за истражување, анализи и развој Зелена лупа:
„Би сакал да дадам идеја физички да има канцеларија за врски со граѓанските организации, кои би номинирале свои претставници по области што би ги информирале останатите организации од државата кои закони се подготвуваат, кој учествува во комисиската расправа и така натаму. Од име на целокупниот граѓански сектор врз база на системско решение да овозможиме поголема вклученост во процесите на носење на законите. Исто така, на овој начин тие би имале можност да поставуваат прашања на седниците за пратенички прашања, па потоа може да им се одговори и преку меил“.
Златко Талески од Младинскиот културен центар Битола предлага Собранието да одреди контакт лице за комуникација со граѓанските организации, но и дата база на ресурси.
„Граѓанските организации прават истражувања, имаат анализи и документи и тоа може како ресурс да се користи од пратениците“, појасни Талески.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери образложи дека веќе постои можност за електронска комуникација меѓу пратениците и граѓаните, но истовремено и признава дека не функионираат соодветно канцелариите на пратениците за комуникација со граѓаните во нивните изборни единици.
„На веб страната има посебно прозорче комуникација на граѓанинот со пратеникот и таму има можност за директно поставување прашање. Не се користи доволно, но од која причина не знам. Пратениците имаат и канцеларии за комуникација со граѓаните во изборните единици од кои доаѓаат. Знаеме дека не се функционални, но настојуваме во петоците пратениците да немаат ангажмани за да бидат слободни за комуникација со граѓаните. Можност за обезбедување просторија за сместување претставници на невладините организации – тоа не би било умесно зашто не можеме да ги сместиме сите невладини организации па ќе настане проблем во однос на тоа по кој критеириум е одбрана една организација, а по кој друга пак нема свој претставник“, нагласи Џафери.
Пратениците во Собранието и покрај секојдневните препукувања, денеска беа едногласни дека се отворени за соработка со невладините организации и дека нивните забелешки им значат при носењето на законите.
„Овој парламентарен состав е целосно отворен. Работата на невладините е движечка сила и од големо значење во општеството, а нашата цел е иста – да создадеме европско општество за секој граѓанин. Невладините имаат сериозен удел во креирањето на законите“, смета пратеникот Јован Митревски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вели реформите кои претстојат во земјава се невозможни без граѓанскиот сектор:
„Нашата демократија е кревка и има потреба од знаењето на невладиниот сектор, заедно имаме голем потенцијал“, изјави Мицевски според кој дел од невладините организации служат за промовирање на одредени партиски интереси и тие како што рече тој, треба да се тргнат од политиката.
Сепак, дел од активистите не се согласуваат со ваквите констатации, тврдејќи дека се напаѓани кога критикуваат.
„Треба да се искоординирате во вашите изјави, заштоа ситуацијата не е таква како што ја претставувате. Кога критикувавме бевме напаѓани, а и сега времето на заплашување не е завршено“, им забележа на пратениците извршниот директор на невладината организација КХАМ, Зекир Абдулов.
За меѓусебната соработка, претставниците на Собранието и на граѓанските организации денеска дебатираа на Националниот форум кој го организираше Цивика мобилитас – програма за поддршка на невладиниот сектор во земјава, која се спроведува со средства од Швајцарската амбасада.