За промените во Владата исклучиво надлежен е премиерот – велат Спасовски и Сугарески, Дураки им „избега“ на новинарите – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/19 5:54 PM

За промените во Владата исклучиво надлежен е премиерот – велат Спасовски и Сугарески, Дураки им „избега“ на новинарите

Најавената метла ги мобилизира јавните функионери, ден по одлуките за разрешување на дел од нив од функциите во владеачката партија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој ја напушта партиската функција, денеска заедно со министрите за транспорт и врски и за животна средина, Горан Сугарески и Садула Дураки извршија увид во реконструкцијата на патот Куманово-Опае.

Од таму, сопартијците Спасовски и Сугарески порачаа дека имаат потполна доверба до премиерот, Зоран Заев, кој според нив, е исклучително надлежен за евентуалните промени во Владата, откако почнаа промените во партијата со која претседателствува.

Одговарајќи на прашање дали повторно ќе се кандидира за потпретседател, Спасовски истакна дека тоа е одлука на претседателот на партијата:

„Тоа е одлука на претседателот на партијата кој ги предлага функционерите, но тоа воопшто не е важно. Важно е дека сите ние се согласивме дека мораме да ги промениме, да ги подобриме, да ја заајакнеме структурата на партијата. Знаете ова ретко го прави партија која што е на власт и која што ги добила изборите. Ние веднаш по добивањето на претседателските избори пристапивме кон анализа и кон подготовка за победа на следните парламентарени избори“.

„Мислам дека во неколку наврати дадов изјава кои се моите очекувања и имам потполна доверба како и министерот Спасовски, како што кажа, во одлуките на премиерот. Ние разговараме отворено за сите прашања, работи кои се повзрани со нашата надлежност, бидејќи станува збор за државни интереси, така што секоја одлука на премиерот ќе ја почитувам“, додаде Сугарески.

Министерот Дураки за кој се шпекулира дека ќе застане на чело на новото Министерство за политички систем денеска ги избегна новинарските прашања. Сепак, тој неодамна прашан за гласините за неговото разрешување, изјави дека за тоа одлучува само лидерот на ДУИ, Али Ахмети, зашто таквите одлуки според него, се носат како дел од коалициони договори.