Јас со другарите дадов оставка, вели Шилегов – Анѓушев без коментар за партиските разрешувања – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/19 4:01 PM

Јас со другарите дадов оставка, вели Шилегов – Анѓушев без коментар за партиските разрешувања

Треба да се прави разлика меѓу термините разрешен, сменет и дадена оставка – изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, откако новинарите го прашаа дали ќе поднесе оставка по вчерашното партиско разрешување.

Тој изјави дека заедно со неговите другари, потпретседатели на СДСМ во текот на минатата недела ги понудиле нивните оставки и вчера биле прифатени од Централниот одбор.

„Уште пред седницата на Централниот одбор вчера истакнав дека наша задача како луѓе и победата која што ја имавме на претседателските избори да креираме внатре партиски политики што ќе верификуваат таква победа на парламентарните избори со цел во Македонија конечно да го елиминираме простотилукот, примитивизмот и фашизмот што го промовира ДПМНЕ во изминатите 15 години“.

Според Шилегов,  оставка поднесуваат луѓе со интегритет:

„Политички интегритет покажавме сите ние кои што и ја дадовме таа оставка, затоа што во политиката ништо не е вечно, како дојдовме, така е и логично во еден даден момент да си одиме. Ако добро ги следите, а би сакал добро да ги следите, политиките што ги креирав и стратегиите што ги креирав во изминатата една и пол година како градоначалник за нашиот град, ќе видите и ќе знаете, така што креирањето на тие политики, реализцатијата на тие политики се нешта што допрва следуваат“.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев пак, не ги коментира партиските разрешувања.

Тој денеска одговарајќи на прашањата на новинарите рече дека му е чест што е дел од Владата на Заев, но дека сепак секоја функција е минлива.

„Секој кој добил државна функција треба да биде свесен дека еден ден таа функција и ќе ја напушти и тука јас не гледам голема трагедија во сето тоа. Јас лично сум  релаксиран по тоа прашање и мислам дека кој и да било да одговори на тоа прашање  освен премиерот е несерозно и немам што да одговорам повеќе“, истакна Анѓушев.