Вакцинирани 150 здравствени работници против морбили во Општата болница и Здравствениот дом во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/19 3:08 PM

Вакцинирани 150 здравствени работници против морбили во Општата болница и Здравствениот дом во Велес

Во изминатите две недели со вакцинација биле опфатени 150 здравствени работници во ЈЗУ Општа болница и ЈЗУ Здравствен дом во Велес, а вакцинацијата продолжува и неделава, информира за МИА епидемиолог д-р Билјана Трајкова од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес.

– Вакцинацијата за заштита на здравствените работници од морбили, поради ширење на епидемијата е за превентивна заштита на нивното здравје и е во согласност со препораките од Министерството за здравство. Воедно, деновиве ќе започнеме и со вакцинација на вработените во детските градинки бидејќи и кај нив како и кај здравствените работници, постои опасност од пренесување на болеста. За наставниците во училиштата се уште немаме добиено препораки од надлежното министерство, појасни Трајкова.

Таа информира дека од Министерството за здравство се уште нема препораки за вакцинирање на населението, односно на сите оние кои како деца не биле вакцинирани и ревакцинирани против морбили.

Минатата недела во Велес, како што рече д-р Трајкова, имало два нови случаи на заразени со морбили, бебе родено годинава и една 34-годишна жена жител на село Горно Јаболчиште, кои се хоспитализирани и се на лекување во Инфективното одделение при Општата болница.

Според евиденцијата на ЈЗУ Центар за јавно здравје од почетокот на годинава до денес во Велес и поширокиот велешки регион регистрирани се 39 заболени со морбили, меѓу кои има и деца и возрасни.