Изминатиот викенд регистрирани се новозаболени од морбили во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/19 12:57 PM

Изминатиот викенд регистрирани се новозаболени од морбили во Штип

Штип стана ново жариште на морбили, откако за десетина дена бројот на заболени порасна на 27. Десетина се хоспитализирани на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип. Она што е карактеристично, што главно се возрасни пацинети во старосната група меѓу 20 и 45 години. Во текот на вчерашниот ден на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип е хоспитализирано едно лице со потешки симптоми на морбили, а двајца други се прегледани амбулантски и се пуштени на домашно лекување.

Загрижувачко е што десетина заболени се работнички од една конфекција, кои секојдневно се возат во автобус со работници од други конфекции, што лесно може да предизвика новозаболени, со оглед на фактот дека се работи за зараза што лесно се шири. Лекарите претпоставуваат дека морбилите се  донесени од Скопје, од  мал пациент, кој бил во Детската болница  – Козле во Скопје. Од него се заразени членови на семејството, од кои две жени кои работат во конфекција.

Од Институтот за јавно здравје од Штип соопштија дека во однос на возраста под една година се заболени вкупно 3 деца, по едно дете се на возраст од 2 и 6 години , додека најголем број на заболени се во возрасната група над 30 години или вкупно 22 лица.Според вакциналниот статус, 4 лица од регистрираните случаи се невакцинирани, додека 13 лица се непотполно вакцинирани или со една доза на вакцина, 3 лица имаат непознат вакцинален статус и 7 лица се со по 2 дози на вакцина и истите се со лесна клиничка слика.

Проблем е што на удар се постарите, кои потешко ги поминуваат морбилите, особено генерациите родени пред 1972 година, кои воопшто не се вакцинирани. Имено, вакцината е воведена од 1972 година, а подоцна е воведено и ревакцинирање. Докторите советуваат вакцинирање за оние кои немаат прележано морбили или биле само еднаш вакцинирани.

-Имунитетот кај оние кои се еднаш вакцинирани со годините слабее. Затоа, може да се вакцинираат во Институтите за јавно здравје, каде има вакцини. Овие вакцини се бесплатни, вели д-р Дијана Шишкова, началник на Инфективното одделение.

Д-р  Шишкова стравува дека поради тоа, бројката на заболени  ќе се зголемува, а врвот се очекува во јуни и јули.

-Болните од морбили се движеле по амбулантите на матичните доктори, откако неколку дена имале повишена телесна температура. Освен тоа, има раздвиженост меѓу луѓето, што води до зголемени контакти. Допрва очекуваме зголемен број на заразени, изјави д-р Шишкова.

Од Институтот советуваат дека нејефикасна мерка на превенција од  мали сипаници е вакцинацијата (имунизацијата). Од општи мерки кои можат да се преземат се: избегнување на контакт со болни лица, често проветрување на просториите, често миење на раце, носење на заштитна маска, избегнување на јавни собири. ЈЗУ  Центар за јавно здравје – Штип спроведе имунизација со МРП вакцина на повеќе од 60 лица кои имале контакт со болен од морбили.

Согласно наредбата на Министерство за здравство за задолжителна имунизација на здравствените работници кои се непотполно вакцинирани или не се вакцинирани против мали сипаници, ЈЗУ Центар за јавно здравје до сега вакцинираше повеќе од 200 здравствени работници. Имунизацијата против мали сипаници и понатаму е во тек.

Вакцинацијата против мали сипаници ( морбили) е препорачана за сите лица на возраст од 14-60 години кои не се вакцинирани, кои не се потполно вакцинираат (имаат примено само една доза на вакцина) или  кои ја немаат прележано болеста морбили.

Имунизацијата на овие лица се врши во ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип.