– Теодор Јанески на седумгодишна возраст во 2009 година се искачил на Титов Врв и најверојатно е најмладиот кој стигнал до највисокиот врв на Шар Планина на дури 2747 метри надморска височина. Љубовта и страста кон планините, може да се каже дека ги има наследено и научено од татко му, долгогодишен планинар и член на планинарскиот клуб Љуботен Сашо-Колеџ. Во годините наназад, тој се интересирал за она што го прави татко му, му се допаднало одењето низ шумските предели и посакал и тој да го прави истото.
-Пред да се качиме на Титов Врв нормално доаѓаше на помали тури на Шара, на пешачење до ридот Балтепе и слично. После првото качување уште десетина пати дошол, а беше и на други места како Лешница, Беловишки водопади и слично. Во 2009 пред беше на помалку захтевни планински тури, а воедно и тренираше кошарка па имаше кондиција. Напорно му беше но се искачи и слезе од Титов Врв, се врати жив и здрав. Потоа постојано оди по планини, само што не оди веќе со мене, си оди со негово друштво. Од тогаш е член и на ПК „Љуботен“ и постојано е вклучен во сите активности поврзани со организацијата за искачување на врвот, -вели татко Сашо Јанески-Колеџ.
Но, на денешницата сите деца и млади не се исти како Теодор па да сакаат да пешачат низ планините. Слободно време дури и повеќе го користат да гледаат некоја содржина на компјутери и таблети. Во време кога дигиталната технологија се повеќе ги задржува децата пред екраните, се поставува прашањето дали и колку сакаат тие да одат на планина и да научат што е животната средина и како да ја чуваат. Исто така, дали и како родителите и возрасните се обидуваат да им ги претстават поволностите што ги има доколку се движат низ природата. Тетово како град под Шара има одлични предиспозиции да се завртат младите кон планината, па постои вистински предизвик кај возрасните дали ќе успеат да ги насочат кон ваквите животни навики.
Планинарскиот клуб „Тетекс“ неодамна организираше предавања за ученици со цел да се покрене иницијатива за запознавање на учениците со планинарството уште во основно образование со тоа што ќе научат за придобивките од движењето по планина и по нивното здравје, за чистиот воздух и како да ја чуваат природата.
-Заинтересираноста на учениците укажува на тоа дека можеби е време планинарењето да се воведе како слободна активност во училиштата. Посебно што сите живеат во Тетово блиску до најбогатата со природни убавини Шар Планина, изјави Снежана Новаковска од ПК „Тетекс“.
-Воведувањето ваква активност во училишните програми сепак зависи од Бирото за развој на образованието. Ние како општина сме подготвени за подготвување на вакви активности кои ќе придонесат кон тоа учениците да добијат што повеќе вештини, рече Ахмед Ќазими, од Секторот за јавни дејности при општина Тетово.
Претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиновски од своето искуство објаснува дека во зависност од афинитетите на наставниот кадар во училиштата може почесто да се работи со учениците и да им се пренесат и информации за планините, но воедно и љубовта кон природата.
-Неколкумина професори и наставници од училиштата не повикале да одржиме предавања и обуки, како и да ги носиме децата на помали планинарски тури. Се зависи од просветниот кадар и нивната желба да ги запознаат учениците со планинарењето. Ние за среќа веќе во клубот имаме солиден број млади членови на само 15-16 години и среќни сме што тој број расте, вели Божиновски.
Љупчо Перински од Тетово е спортски работник, а воедно професор и директор на училиште кој постојано се обидува да ја всади љубовта кон спортот, но и планинарењето кај најмладите и учениците.
-Кај учениците има потреба да им се пренесат информациите за безбедноста во планините, да се едуцираат како да се движат, што да облечат, што да носат со себе за јадење и за пешачење и слично. Минатата година пример бевме со ученици од економското училиште и планинарите од ПК „Љуботен“ на планинарска тура. Во редовната настава, во наставните планови постои оддел за спортска рекреација и можност за планинарење. Од друга страна тука има и многу предизвици за наставниците, многу формалности. Еден наставник треба да добие дозволи од родители, да обезбеди средства, опрема, обезбедување, па координација со планинари и други установи. Треба многу организација и затоа можеби помалку има ваква настава во природа, вели Перински.
Тетово со години наназад е град кој постојано се наоѓа на врвот на листата на градови со загаден воздух што е уште една насока дека младите треба да се насочуваат да ги посетуваат планините. Таму можат да го најдат она што го нема во Тетово-места со чиста воздух и природна средина без отпадоци.
МИА