Павле Богоевски поднесе оставка: Гласот за одземање на мандатот на Груевски ќе биде мојот последен глас во Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 05/23/19 11:47 AM

Павле Богоевски поднесе оставка: Гласот за одземање на мандатот на Груевски ќе биде мојот последен глас во Собранието

Пратеникот Павле Богоевски си поднесе оставка. Тој го напушта Собранието, откако во јавноста протече телефонски разговор во кој се слуша како нарачува супстанца чиј промет е забранет, или како што тврди самиот, масло од канабис.

Одлуката за ова, Богоевски ја соопшти на денешната седница на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања со која претседава, а која на дневен ред го има одлучувањето за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание – изјави Богоевски.

„Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот. Без разлика на причините за набавката на масло од канабис за мое блиско лице, а причините за тоа на никој од вас не ги посакувам, јас сум сторил незаконски акти. Мојата пратеничка функција, за жал, може да се перцепира дека ќе влијае врз постапката што органите ја водат за нелегалното снимање. Не би сакал мојата функција да влијае врз правосудните органи. Ќе ги повикам органите на прогонот целосно да го истражат настанот за мојата одговорност, но и за тие што противправно снимале Одлуката ја соопштувам сега бидејќи ми беше важо да учествувам до крај во процесот за реформата на безбедносно-разузнавачките служби, а оваа седница е причината зошто не соопштив веднаш“.

„Чекав целата јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост“, им порача Богоевски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои повеќе пати го оспорија неговиот кредибилтет како пратеник.