ВМРО ДПМНЕ од Штип денеска обвини дека Општината Штип продолжува расипнички да троши на фудбалскиот клуб „Брегалница“, за кој, како што рече советникот Љубе Здравков, потроши рекордни 14 милиони денари.
-Со тоа стана најскапиот второ лигаш. За споредба, конкурентите на „Брегалница“ во втора лига имаат 6 пати помал буџет.Клубот се зацврсти на средина на табелата во втора лига, а Брегалница стана најголемиот потрошувач на спортскиот буџет на Општина Штип, рече Здравков и побара итна смена на раководството и коренити промени во клубот.
Според Здравков, изборот на луѓето по партиски клуч овозможил само скапи прошетки, гости во клубот со огромни трошоци и високи хонорари за раководството.
-Очигледно, време е метлата „да заигра” во дворот на Брегалница, рече Здравков.
Општината има план за ФК „Брегалница“, а тоа е наоѓање на купувач за клубот, кој во себе ќе ја има истата љубов за клубот, како и граѓаните на Штип. Ова го изјави градоначалникот Благој Бочварски, кој го корегира Здравков, дека лани за „Брегалница“ Општината потроши 11, а не 14 милиони денари.
-Оваа година имаме 12 милиони денари општински пари, а тоа не е најскапиот клуб во лигата. Има неколку други фудбалски клубови, кои имаат поголеми буџети од „Брегалница“. Во време на владеење на ВМРО ДПМНЕ, за „Брегалница“ се трошеа и по 20 милоини денари, рече Бочварски.
Градоначалникот најави дека наскоро ќе донесат одлука за приватизација на клубот.
-Но, под услов да имаме инвеститор, кој ќе го сака овој клуб, како што го сакаат штипјани, кој ќе се бори заедно со Општина Штип да го гради овој клуб и надградува, за да се натпреварува таму каде што му е местото, во првата фудбалска лига. Токму затоа, ние ќе го најдеме најдобриот концепт, бидејќи се покажува дека Општина Штип сама не е подготвена најдобро да го менаџира овој клуб и да го внесе во елитното фудбалско натпреварување, изјави градоначалникот Бочварски.
И покрај вложувањата, ФК „Брегалница“, чие финансирање го презема градот, втора сезона по ред не успеа да ја оствари целта на штипската спортска јавност и да влезе во Првата фудбалска лига. „Брегалница“ е на четвртото место на табелата во Втората лига – Исток.