Намирници кои го регулираат нивото на хормони кај жените – ММС
ММС

Објавено на: 05/21/19 10:50 AM

Намирници кои го регулираат нивото на хормони кај жените

Независно дали се работи за проблеми со акни, замор или пак интензивни ПМС симптоми, постојат намирници кои секоја жена треба да ги внесе во својата исхрана, со цел да го подобри хормоналниот баланс. Доколку се работи за посериозна ситуација, најсоодветно е да се земат и лекови препишани од страна на лекар, но не е на одмет да се консумираат и одредени намирници, кои може да се придонесат хормоните да се држат под контрола.

За оптимално хормонално здравје, нутриционистите препорачуваат што повеќе храна од билно потекло, како и избегнување на одредени намирници кои може да ја нарушат хормоналната рамнотежа. Голема улога во одржувањето на хормоналниот баланс игра црниот дроб, а намирниците кои го оптеретуваат се токму оние кои може да предизвикаат хормонален дисбаланс. Меѓу нив се вбројуваат трансмастите, рафинираниот шеќер, како и алкохолот. Освен храната, на хормоналниот баланс, односно дисбаланс, во голема мера влијае и стресот, а за истиот да се намали постојат доста корисни техники како медитација, вежбање, поминување повеќе време во природа и така натаму.

Во продолжение, прочитајте кои се намирниците кои може да помогнат кај хормоналниот дисбаланс.

Овошје со помалку шеќери

Овошјето кое не содржи многу шеќери е одлично за регулација на хормоните во телото. Овде се вборјуваат малините, боровинките и капините, кои се богати со антиоксиданси кои ги штитат клетките. Ова овошје може да го јадете сирово, или пак да го дадете во смути, односно салата.

Ленено семе

Уште една здрава опција која можете да ја вклучите во својата исхрана е и лененото семе. Може да го комбинирате со мусли, овесна каша или пак да го додадете во вашето смути. Лененото семе е богато со омега – 3 масни киселини, антиоксиданси и влакна. Семето од лен има и посебни фитохемикалии, кои помагаат за регулација на естрогенот.

Зелен лиснат зеленчук

Недостигот на железо може значително да влијае врз женското репродуктивното здравје. Затоа е важно во својата исхрана да вметнете зеленчук како блитва, спанаќ или кељ, бидејќи тие изобилуваат со железо, но и со Ц витамин кој помага за апсорпција на истото.

Куркума

Куркумата е одлична за црниот дроб, независно дали ќе ја додадете како зачин, или пак ќе ја консумирате како додаток во исхраната. Куркумата придонесува за детоксикација на организмот и на тој начин игра важна улога во хормоналната рамнотежа.

Бадемово или кокосово млеко

Кравјото млеко не се препорачува  за жените кои имаат проблем со хормоните, но одлична алтернатива за истото може да биде млекото кое изобилува со Д витамин, како кокосовото или бадемовото млеко.