Во исконскиот амбиент во селото Разловци денеска со богата културно-уметничка програма беше одбележана 143-годишнината од Разловечкото востание.
Во рамките на одбележувањето во Спомен домот „Разловечко востание“ беше отворена изложбата од Ликовната колонија на тема „Разловци на платно“, на која со свои импресивни дела се претставија познатите делчевски уметници Петар Атанасов-Пепи и Александар Белогаски, како и младите уметници Ели Енѓовска и Ангела Ефтимова.
Одбележувањето на годишнината од Разловечкото востание продолжи во дворот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“, каде пред спомен-плочата на поп Стојан, се поклонија и положија свежо цвеќе делегација од Општина Делчево, претставници од Советот на општината, претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.
Свештеници од МПЦ од Делчево одржаа панихида во црквата „Св.цар Константин и царица Елена“.
Градоначалникот Трајковски во своето обраќање пред присутните се наврати на историските моменти од Востанието, истакнувајќи дека Востанието обврзува и поттикнува да работиме во интерес на општината и државата.
– 143 години од тој 20 мај 1876 година, ние ќе кажеме дека сме горди потомци на поп Стојан, Димитар Поп-Ѓеоргиев –Беровски, на Цоне Спасов, на храбрите востаници кои сами се организираа, продаваа дел од своите имоти за да купуваат оружје и први се дигнаа против Османлиската Империја одбележувајќи го почетокот на бурниот предилинденски период. Со посебен пиетет зборувам за овој славен настан, но сакам да зборувам и за сегашноста и за иднината. Годините минуваат, спомените се запишуваат или избледуваат, но мојата цел како градоначалник е да оставам белег, да донесам развој во секое поле и верувам дека овие мои искрени намери се препознаваат и ќе дадат плод, истакна Трајковски.
Во рамки на културно-уметничката програма настапија КУД „Гоце Делчев“, ФГ „Н.Ј.Вапцаров“ и пејачката група „Ѓурѓа“, а во рецитаторскиот дел настапија ученици од ООУ „Ванчо Прке“, ученици од ООУ „Свети Климент Охридски“, како и од подрачното училиште во Разловци. На централната прослава во Разловци му претходеше планинарски марш на кој учество зедоа неколку планинарски друштва од регионот.
МИА