Расте бројот на заболени од морбили. За една недела заболеле 134 лица, што според епидемиолозите е рекорден број на заразени откако почна епидемијата.
Од новозаболените 48 се од Скопје, а останатите 86 се од десет други градови со што вкупниот број на зафатени градови изнесува 22 – информира д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје :
„Околу 2000 лица на територија на Скопје се останати невакцинирани. Очекуваме во наредниот број бројот на заболени ако не расте, барем да се одржува на истото ниво“.
Министерот за здравство Венко Филипче, очекува со завршувањето на учебната година, да почне да се намалува бројот на заболени.
„Очекувањата се дека можно е да има намалување на бројот на пациенти после завршетокот на учебната година. Искрено се надевам дека е така, иако очекуваме одредена бројка на пациенти да циркулира во здравствените институции до крајот на годината, такви беа најавите и такви се проценките“.
Децата кои нема да бидат вакцинирани со МРП вакцината нема да може да се запишат во градинка, односно во училиште. Ваквата забрана, според Комисијата за заштита од дискриминација не е дискриминирачка.
Комисијата оценува дека мерката за забрана соодветствува на реалните потреби е пропорционална на ефектите што треба да се постигнат.
-Не постои дискриминација бидејќи мерката не е спротивна на Уставот и одредбите на меѓународните договори, соодветствува со реалните потреби бидејќи е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на детето, како и животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со невакцинираните деца. Мерката е однапред прецизно дефинирана бидејќи е донесена по претходно предвидена процедура и од соодветни органи, а и сите родителии и старатели се информирани на ефикасен начин – образложува Комисијата.